од aquawoman на 4 мај 2003 - 10:04
Се разбуди покрај неа, како и секое утро.Сонцето се пробиваше низ тешките завеси, кршејќи ја темнината во собата.Тој ги отвори очите, се прозевна и стана, упатувајќи се мрзеливо кон купатилото.На враќање го зеде утринското кафе, една столица и седна недалеку од неа.
Таа лежеше со затворени очи, прекрасна жена во неговиот кревет, прва љубов што воопшто некогаш ја доживеал.Беше нежна и прозирна, а наместа кожата и беше прошарана со тенки вени, кои ја нарушуваа таа совршена белина.Ја гледаше со поглед на човек кој знае да препознае убавина.Секој дел од нејзиното тело го познаваше како да е негово.Патецот на косата, ушните школки, обликот на веѓите, сјајот в очи, нејзините усни создадени за бакнежи, сите насмевки и гримаси кои понекогаш го изобличуваа тоа анѓелско лице.Имаше обли, но сепак детски гради, совршено долги нозе, со мали убави прсти....................
Бавно го испиваше кафето, не чувствувајќи го вкусот.
Првпат кога ја виде.........таа беше толку недостижна за него.Не, не дека не можеше да и пријде, туку во нејзиниот свет немаше место за никој освен неа.Побудуваше кај него страв, посакување и омраза.И велеше дека ја љуби каква и да е, но никогаш не ја прифати.Се обиде неколкупати да ја скрши, да ја направи зависна од себе, но безуспешно.Беше врзан за неа и тоа го плашеше.Кога ја гледаше, се чувствуваше како пред него да се отвориле портите на рајот, а тој, обичниот смртник, не можеше да допре до неа.Таа беше се она што тој отсекогаш посакувал, се она што значеше љубов........и му бегаше.
Понекогаш исчезнуваше со денови, без да се јави, да го побара.Немаше извинувања, само молк.Никогаш не се караше со него, само го гледаше загадочно како да знаеше нешто што за него засекогаш ќе остане тајна.Тој молк..........тој молк го убиваше.
-“Ме излуди“-извика, стискајќи ја шољата со кафе.
Таа не го слушна.Лежеше во креветот нестварно убава, лежеше гола, изложена на неговиот поглед.
Секое утро стануваше пред неа за да украде дел од нејзиниот сон.Само во тие кратки моменти чувствуваше дека ја има, дека му припаѓа, само тогаш тој беше во предност.Не, не беше тоа натпревар меѓу нив.Тоа беше однапред изгубена битка развлечена во времето.
Тој беше немоќен и свесен за својата немоќ, беше исплашен и свесен за својот страв, беше луд од љубов и свесен дека никогаш не ја имал..........................
Се исправи.Денот беше длабоко навлезен во собата.Застана пред неа........
Таа лежеше в кревет......нежна......со прозирна кожа.......скоро совршено бела......освен модроцрвената линија на вратот, обвиткан со жица.
Последни коментари