Културата на живеењето во 21 век го трансформира градот во комплексен организам кој живее 24 часа. Импулсот на современост го вдахнуваат најразлични урбани потреби и движења кои се вградени во секој миг од можните 24 часа. Секоја метропола која држи до себе, својот имиџ, душа и својата младина, ја поттикнува таа раздвиженост и ја негува 24 часовната култура на живеење...
Ние го сакаме нашиот град. Сакаме слободно, без репресија, во било кое време да се движиме и уживаме по улиците на нашиот град. Ние ја сакаме музиката и сакаме да танцуваме со неа во било кој период од денот. Ние го сакаме животот. Ние сме за 24 часовна култура на живеење.
Ние сме за почитување на законите, но сме против несоодветните, несовремени закони, кои не само што не кореспондираат со потребите и слободите на современиот човек, туку се и репресивни и деструктивни по културните движења, духот на градот и современиот начин на живеење.
Исто така, се противиме и на некултурното и неретко насилно однесување на полицијата при спроведувањето на тие погубни закони. Остро протестираме против латентниот полициски час кој се спроведува и кој е во директна конфронтација со идеите за демократија, отвореност и доближување до било кои европски или светски стандарди.
Се прашуваме: Зошто не е во ред да танцуваме со музика и по 3 часот наутро? Зошто клубовите да не работат барем до 6 часот, како коцкарниците на пример. Се прашуваме како спортските сали се претворија во спортски кладилници и тоа ли е она што е во ред за младите?
Се прашуваме дали малолетниците се сепак најголемите криминалци во нашата земја? Се прашуваме дали градоначалникот на Скопје е презафатен со епската реконструкција на камениот мост и прекопувањето на главната улица, па не може да регистрира дека некој му ја убива душата на градот. Се прашуваме дали само затоа што младите не се организирано наоружани, се легитимна цел за репресија под мотото "почитување закони".
Се прашуваме дали репресијата ќе ги задржи младите, паметни и убави луѓе да живеат и работат во нашата земја или уште повеке ќе ги гони надвор?
Ние младите, како директна но не и единствена жртва на оваа малограѓанска хистерија, остро протестираме против насилството, криминалот, милитаризацијата, материјалната и духовна беда на која сме брутално изложени. Сметаме дека режимот спроведува лоши закони на погрешен начин и со тоа ги уназадува и онака кревката наша култура и општество.
НИЕ ГО САКАМЕ ЖИВОТОТ.
ЖИВОТОТ Е НАША МУЗИКА.
НИЕ СМЕ ЗА 24 ЧАСОВНА КУЛТУРА НА ЖИВЕЕЊЕ.
Овде може да ја симнете и песната „24 часа“ со која PMG на најдобар можен начин, преку правење музика, се спротивставуваат на репресијата од режимот.
Последни коментари