Испровоциран од начинот и од содржината на писмото на писателот Пауло Коељо и воопшто и од уредувачката “политика“ на Баграта решив и јас лично да напишам писмо до американскиот претседател Џорџ Буш - Помладиот кое првенствено го објавувам токму на Багра сајтот.
П.С. Та нели сме сите луѓе та нели сите сме еднакви и имаме слобода на сопствено мислење!?
На самиот почеток господине Буш би сакал да ви искажам поддршка во начинот на водење на вашата политика како и на спремноста на вашата администрација по секоја цена да ја заштити слободата на американските граѓани.
Просто сум воодушевен од вашите стратешки потези и храброст кои покрај подобрување на безбедноста на вашата земја ќе и донесе и економски напредок на вашата пазарна економија. Знам дека некои луѓе ги маргинализираат вашите интелектуални способности како и вашиот коефицент на интелегенција но затоа ве молам воопшто немојте да очајувате. Во земјата во која живеам јас, во Македонија, од високиот коефицент на интелигенција на нашите најспособни политичари Бранко и Љупчо кои владеат наизменично последните 12 години сите го видовме аирот. Преку 500 000 граѓани во мојата Татковина дневно живеат т.е. трошат не повеќе од 1,5 $ и се на работ на суровата сиромаштија. Ним ич не им е гајле за војната во Ирак и за политиката општо , тие единствено се прашуваат како ќе ги платат последните сметки за струја.
Злобниците велат дека војната ја водите за нафта и дека во прашање се само екомонски интереси. Каков брилијантен заклучок! Еурека. Како тоа толку големи аналитичари дошле до сознание дека секоја војна е од ЕКОНОМСКИ карактер така и оваа. И навистина господине Буш и јас се прашувам како и секој американски граѓанин кои последните 50 години за 1 $ добиваат еден галон бензин (додека во мојата татковина 1 $ чини еден литар бензин) - Што значи смртта на неколку илјади луѓе, за наша сигурна иднина како и за иднината на нашите поколенија!? Доколку луѓето од целиот свет се толку хуманистички настроени како тоа дозволуваат секојдневно да умираат илјадници луѓе од глад и од најразлични болести, токму заради својата егоистичка природа и бранење на сопствените бизнис и лични интереси. Со војната во Ирак исто се обезбедени плати и работа на 20 милиони американци кои работат во американската воена индустрија. Сигурен сум дека оружјето се произведува за да се искористи, да се потроши или да се продаде.
Додека кај нас претседателе Буш повеќе од 100 000 испуштени работници кои работеле во некогашните загубари, редовно веќе неколку години безуспешно маршираат низ улиците на главниот град, барајќи смешни суми со кои колку-толку би ги задоволите своите основни потреби.
Вашите војници господине се пример за патриотизам. Не дека во мојата земја нема патриоти, има но се многу малку.
Во мојата земја никој не сака да се бори за својата Татковина. Иако секој смета дека има право да СУДИ за тоа кој смее а кој не смее да напаѓа. Знаете и во мојата земја до пред некое време се водеше војна. Иако нашиот претседател (исто така со висок коефицент на интелигенција) не прогласи воена состојба. И така додека сиромаштијата и дел од народот гинеше по планите и рововите , моите сонародници се сончаа по плажите во Грција и не одговараа на воените обврски. Истите тие сега се најгласни во антиамериканските протести. Сигурно господине Буш добивате впечаток (а и овдешните анкети го потврдуваат истото) дека нашата земја (инаку уште наречена и Оаза на мирот) е земја која врие од ПАЦИФИСТИ. Токму така господине Буш мојата земја и од историска гледна точка има пацифистички карактер - 500 години од пацифизам беше под турско ропство.
Би сакал да се спроведе вашата политика и на овие простори господине Буш. Го сакам начинот на кој денешните американски војници (латинци , црнци , жолти и др.) се борат во Ирак за да добијат американски државјанство т.е. се подготвени да платат со крв да бидат дел од несомнено најбогатата и најуспешната држава на планетата Земја.
Кај нас господине Буш , за разлика од САД , држјанство може да се добие само со “точното“ заокружување на гласачкото ливче.
Вашата земја пред една година беше нападната од терористи како што впрочем беше нападната и мојата Татковина господине Буш. Вие знаевте кој точно и од каде ја напаѓа вашата земја, па не чекавте повторно да ве нападне, туку вие самите отидовте да се борите по планините и пештерите во Авганистан. Вие не се жалевте како нашите политичари, кои постојано се жалеа дека агресијата доаѓа од Косово.
Ми се допаѓа и тоа како вашиот народ реагира господине Буш иако некои ги оквалификуваат како хипократи.
Ви ја даваат потполно поддршката на вашата политика и веќе 70 % веруваат дека нападите од 11 септември се поврзани со Садам Хусеин. Додека кај нас претседателе Буш народот никогаш не бил обединет, ниту тогаш кога нашата Татковина била најмногу загрозена. Мојот народ секогаш се делел на две или повеќе партии, од кои за жал ниту една не работела за интересите на Македонија!
Примерот за патриот е токму на американскиот граѓанин кој воопшто не троши од своето време коментирајќи и гледајќи ТВ - ВЕСТИ, туку работи и гледа да допринесе за своето семејство како и за својата Татковина. Што би рекол Џ.Ф. Кенеди - Гледај ти што можеш да направиш за Татковината а не што може таа да направи за тебе. Така господине Буш американскиот народ развивајќи го чувството за ДОЛГ кон татковината владее и ќе владее уште долго време со светот.
Исто така ви се восхитувам на начинот на кој го чувате вашето национално богатство, како ги чувате запечатени вашите резерви за нафта (кои претставуваат 25 % од вкупните резерви на нафта во светот) кои се разбира кога изворите на нафта на Блискиот Исток ќе пресушат, ќе се отпечатат и искористат. Се разбира дека постапувате мошне мудро и за разлика од нас, не го распродавате своето национално богатство за ЏАБЕ.
Јас сум ви пријател господине Буш. И покрај тоа што веројатно слушате дека во мојата Татковина владее антиамеринаско расположение ќе ве известам дека некакви причини за страв не постојат.
Ве уверувам дека најлошо нешто што може да се случи е некаков лабав обид за напад на американската амбасада од повеќечлена група на клошари кои под дејство на алкохол и Јелена Карлеуша веќе еднаш правеа зулум. Но овојпат се надевам дека се ќе остане во најдобар ред.
Имено, политичарите во мојата Татковина господине Буш себеси се сметаат вистинска адреса за се и сешто, како да сме центар на светот! Иако неможат да ја контролираат нашата мала Татковина со зафатнина од една поголема американска пустина (25 713 км2) тие во рамките на својата фантазија (од интелигенција преминуваат во креативност) нудат воена и секаква поддршка на САД. Апсурдно. И народот е ист како и својата влада неслучајно се вели - секој народ има власт таква каква што заслужува.
И бидејќи ништо посебно не ни се случува на општествен а и на интимен план, ние сме желни за сензации и за решавање на светски прашања и кризи. Како тоа да е многу важно. Со други зборови многумина од нас неможат да ги решат своите егзистенцијални потреби и опстанок но ете се сметаат компетентни за прашања од глобален карактер. Сите ние сме одамна американизирани и се обидуваме да ги достигнеме т.н. западни вредности. Пиеме кока-кола, јадеме во Мекдоналдс и секоја недела со голема возбуда ги гледаме американските блок-бастери.
Тоа го прават и го правеле дури и луѓето со најантиамериканските погледи. Тоа е факт.
И на самиот крај, господине Буш, се надевам дека војната во Ирак ќе заврши со што помалку невини жртви и дека конечно и тој изнамачен и изнапатен народ кој со години живее со програмата нафта за храна, конечно ќе се ослободи од крвавиот диктатор зад кој стојат големи човечки злосторства. Ирачкиот и кој било друг народ, заслужува повеќе.
Да живее Македонија!
Да живее Сад!
Да живее Кока-Кола!
Да живее НБА!
Да живее “Том и Џери“!
Да живее “Кралот“!
Последни коментари