Соопштение за мировен протест против војна со Ирак
од miopa на 14 фев 2003 - 14:09
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, најостро се спротиставува на идејата за воена интервенција во Ирак. Во исто време, Хелсиншкиот комитет најостро ја осудува и поддршката што нашата извршна власт ја даде на ваквата идеја и можноста за директно инволвирање на Република Македонија во воените активности.
Военото насилство води кон нарушување на човековите права и слободи од најголеми размери, а најмногубројни и најголеми жртви на секоја војна се децата, жените и целокупното цивилно население. По завршувањето на Втората светска војна, народите на светот се согласија дека треба да ги спасат идните поколенија од ужасите на војната, да ја потврдат вербата во основните права на човекот, во достоинството и вредноста на човекот, како и рамноправноста на големите и мали народи (Повелба на ООН). Употребата на насилство во име на промоција и заштита на човековите права никогаш не води кон вистинско зголемување или заштита на човековите права и слободи, туку го отвора кругот на нови насилства и повреди.
Хелсиншкиот комитет повикува на изнаоѓање начини за остварување на целите и начелата на Повелбата на ООН за одржување на меѓународниот мир и сигурност, и решавање на меѓународните спорови или ситуации кои можат да доведат до нарушување на мирот со мирни средства и во согласност со начелата на правда и на меѓународното право.
Хелсиншкиот комитет ја повикува власта да го повлече потписот на Република Македонија од било кој акт со кој се поддржува или оправдува воената интервенција во Ирак и да ја извлече државата од понижувачката позиција на послушна марионета во остварувањето на нечии туѓи цели и туѓи интереси.
Со ова Хелсиншкиот комитет на Република Македонија ги поддржува протестите против воената интервенција кои се организираат низ целиот свет и ја повикува македонската јавност да го даде својот глас против. Со таа цел на 15.02.2003 (сабота) ќе бидат организирани мирни протести. Ги повикуваме невладините организации на Република Македонија и сите граѓани да ни се придружат на плоштадот Македонија во 13,30 часот часот. Мото на овој собир ќе биде "Насилството е последен излез за глупавиот" (Исак Асимов).
Заинтересираните можат да се придружат и на протестната поворка која ја организира Мировното движење на Република Македонија, а која ќе се движи по релацијата: Парк (Фонтана), 12,30 ч. - американска Амбасада - Влада на Република Македонија, а која ќе заврши на заедничкото место на собирање плоштадот Македонија во 13,30 часот.
Имајќи предвид дека во Република Македонија не е направена сондажа на јавното мнение по ова исклучително важно прашање, излегувањето, односно, неизлегувањето на граѓаните може да се искористи како своевиден показател за нивното поддршка или спротиставување на конкретниот став на власта.
|
Последни коментари