Ова не смее никогаш на никого повеќе да му се случува во иднина. Зашто? Обрнете внимание на едно од многуте скандалозни искажувања на еден наш човек
www.vest.com.mk
ОРДАНЧО ПЕЦОВ ОД НЕГОТИНО, МАКЕДОНЕЦ ЗА ГИНИС
Конкурирал на 300 огласи и уште е без работа
Орданчо по професија е дипломиран правник, магистер по криминалистички и кривичноправни науки. За работа конкурирал во сите можни министерства и во половина од општините во државата, но никаде не му успеало да се вработи
Орданчо Пецов од Неготино е македонскиот рекордер по конкурирање за вработување. За три години се пријавил на 300 огласи за вработување. И се уште е невработен.
Орданчо има 40 години. По професија е дипломиран правник, магистер по криминалистички и кривичноправни науки. На истата тема сега подготвува и докторат.
"Џабе ми е образованието. Јас сум добар контрапример на владината кампања 'Образованието е сила - образованието е моќ'. Моето образование нема моќ", тврди Орданчо.
Тој вели дека за работа конкурирал во сите можни министерства, во сите скопски општини, како и во општините Кавадарци, Гевгелија, Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Штип, Струмица и Битола. Се пријавувал за различни позиции - од државен секретар, до референт. Но никаде не му успеало.
"Конкурсите се наместени. Во 50 отсто кандидатите однапред се избрани и се примаат веднаш. Ако нивниот кандидат што треба да биде примен не го положи стручниот испит во Агенцијата за вработување, тогаш конкурсот се поништува. Иако има други што успешно се рангирале. Државните секретари во министерствата одлучуваат кој ќе се вработи. Во другите органи директорите, а во општините градоначалниците. По закон, тие имаат дискреционо право да изберат кандидат од понудените 5, но не и да го поништат конкурсот зашто нивниот човек не положил, а тие токму тоа го прават", објаснува Пецов.
Орданчо живее со неговите родителите и со сестра му. Не е женет. Месецот го поминуваат со пензијата на татко му која изнесува 9.000 денари. Неговата состојба пред шест години не била толку лоша. Тој тогаш работел како раководител на подрачната единица на Министерството за финансии - Управа за имотноправни работи во Неготино. Но бил прогласен за технолошки вишок.
"Ја изгубив работата зашто преку мене не можеа криминално да работат. Преку нас одеа денационализацијата, експропријацијата од меѓународен карактер (за изградба на автопатот, нафтовод, далновод), одземањето на корисничко право, приватизацијата. Тогашниот актуелен претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино имаше нива каде што требаше да поминува автопатот. Се плаќаше 20.000 евра за квадратен метар. Од него требаше да се откупат само 300 метри, а тој бараше да му ја откупиме целата нива од 3.000 квадратни метри. Ми рече или ќе одиш по мое, или веднаш те бркам од работа. И ме избрка", објаснува Пецов.
Иако се смета дека партиската книшка е услов за вработување, на Орданчо ни таа не му помогнала. Тој е член на ВМРО -ДПМНЕ и порано бил во потесното раководство, како секретар на општинскиот комитет во Неготино. Незадоволен од состојбата и безработицата, тој неколку пати испратил писмо до Централниот комитет, но не добил одговор.
"Максимално сум огорчен, до фаза на експлозија", вели Орданчо. Напишав шест писма и до премиерот Никола Груевски. Во последното писмо на Груевски му напишав: 'Барам да ме вработите во некој од државните органи за да можам да обезбедам средства да ги поткупам надлежните во општинскиот комитет за да ми дадат партиска препорака за вработување во државните органи'. Но и од него не добив никаков одговор", вели Пецов.
Пријавувањето за работа, Орданчо тврди дека е скапа работа. Тој како пример го посочува огласот во Царина каде што барале сите документи да бидат заверени кај нотар и испратени со препорачана пошта.
"Кандидатите што потекнуваат од сиромашните слоеви немаат никаква шанса да се вработат во Царина. Таму вкупните трошоци за конкурирање за едно работно место се 3.100 денари или 50 евра, зашто сите документи, вкупно 18, треба да бидат заверени кај нотар. Една заверка е 150 денари. Бараат и фотографија - 60 денари, и плус трошоци за препорачана поштарина - 160 денари, зашто на архивата и е забрането да ги прима документите лично од кандидатите. Исто така, ако на огласот има повеќе слободни работни места, за секое требаат посебни документи", објаснува Пецов.
Тој кажува дека има огромна дискриминација при вработување во државните институции зашто Агенцијата за државни службеници им забранува на кандидатите со високо образование да конкурираат за работни места со средно. "Сакав да конкурирам за виш референт во архива во Министерството за одбрана, но не можев зашто имам високо образование. Тоа ми беше хендикеп".
Орданчо посочува низа примери кога Агенцијата за државни службеници не ги известила кандидатите кога ќе биде полагањето на стручниот испит. "Кога ќе се јавам, ми велат: 'А тоа помина, работата е завршена'", тврди Пецов.
Орданчо конкурирал и на Полициската академија за работното место соработник по предметите безбедност во сообраќајот и сообраќајна криминалистика.
"Вработија лице со завршено средно полициско училиште, кое е студент на политиколошки студии. Во образложението како позитивен факт беше наведено неговото работно искуство за регулирање на сообраќајот како полицаец. Јас магистрирав на Полициската академија на тема 'Полицијата и превенцијата на криминалитетот во сообраќајот'. На истата тема подготвувам и докторат. Но мене ме игнорираа", раскажува Орданчо.
Во последниве неколку години Пецов поднел околу 30 тужби поради дискриминација на кандидатите при вработување. Се обратил и до Народниот правобранител, но од таму не добил никаква помош.
Последни коментари