Преземено од forum.com.mk
Орце Камчев, генерален директор на Орка холдинг
Олигарсите газат сè!
Орце Камчев е соговорник кој секогаш е интересен и има нешто ново да каже. Со него разговаравме за актуелната бизнис-клима во Македонија, за плановите за новата болница, за бизнисите на неговата фамилија…
Форум: Дали себеси се сметате за транзициски богаташ?
Камчев: Богат сум со пријатели и семејството. И материјално, што не е спорно. Не знам како ме доживуваат луѓето однадвор, но јас сум апсолутно горд што во општествената транзиција на капиталот, или грабежот на деценијата, немам учествувано со ниту еден милиметар.
А вашиот татко?
Татко ми нема ниедна акција во некоја од компаниите кои беа предмет на транзиција. Замина од Македонија спорт и основаше своја фирма, без простории, без капитал. Предност му беше неговиот квалитет како добар стопанственик, со големо искуство. Сè што е денес компанијата Орка холдинг е направено од нула.
Јавна тајна е дека, ако некој сака да биде успешен во бизнисот овде, треба да биде близок до некоја политичка опција. Порано важевте за човек на СДСМ, сега ви припишуваат сериозно пријателство со Сашо Мијалков, актуелниот директор на УБК. Колку блискоста со политичарите помага или одмага?
Има некои работи што се факт. Ниту еден тендер, ниту една приватизација, што и да е, не се завршува без помош на некоја политичка опција. Орка холдинг е извозно ориентирана компанија, па немала потреба да учествува на некакви тендери и сл., што значи дека не ни треба поддршка од некоја политичка опција.
Но може, еве, на пример, да ви ја стопираат стоката на граница. Имало и такви случаи.
Секако дека и такво нешто е можно, но нашата компанија немала ваков тип проблеми досега. Јас имам пријатели од сите политички партии во земјава. Тоа не е спорно. Но, тоа не значи дека мора да им барам услуги или тие мене.
Колку ви пречи тоа што многумина вашиот успех го гледаат токму во блискоста со некои од политичарите?
Орка холдинг е една од ретките компании (со сите свои ќерки-фирми) која по бројот на вработените или условите за работа важи за една од најголемите. Вработуваме повеќе од 1.400 луѓе. И веројатно на дел од т.н. олигарси им сметаше нашиот развој. Тие газат сè што навлегува во нивната сфера на интерес. Голем дел од притисоците и создавањето на негативниот имиџ што ни беше пласиран, доаѓаа директно од нив.
Имаат ли македонските бизнисмени притисоци од политичките структури за мито, финансирање кампањи...
За жал, тоа е нормална работа во нашето општеството. Сите бизнисмени имале такво искуство. Тие што ќе кажат поинаку, ќе излажат.
Колку држи тезата кога веќе зборуваме за олигарсите, дека немаме повидлив економски развој, токму поради нивната моќ за елиминирање на конкуренцијата уште пред да се појави?
Точно е дека сакаат да имаат контрола над сите сегменти и бизниси во кои се влезени. Ги почитувам сите, а некои од нив ми се и пријатели. Ги почитувам, пред сè, поради тоа што најголем дел од нив ги зачуваа компаниите со кои раководат и ги задржаа вработените. Меѓутоа, некои од нив се покажаа ненаситни во некои сегменти. Клучно прашање кога зборуваме за нив е што тие не сакаат да ги напуштат фотелјите по никоја цена. Сметам дека нивното време помина. Веќе немаат идеја и желба да одат напред. Ја имаат истата визија од деведесеттите години, а во меѓувреме развојот на бизнисот бара сосема нов концепт. На новите генерации треба да им дозволат модерно да ги развиваат компаниите. Прават грешка што на извршни функции ги ставаат своите деца. Никаде не функционира тоа. Со тоа го оневозможуваат понатамошниот развој на компанијата. Глобализацијата за нив е мисловна именка. А македонското стопанство најмногу трпи штети од ваквите одлуки.
Колку македонските компании се исплашени од регионалните и глобалните пазари? Овде повеќето имаат монопол, сè им е сервирано...
Нашата компанија има спротивно размислување. Успеавме да развиеме голем бренд - Кара, еден од ретките македонски брендови со 22 продавници во Србија, Црна Гора, Косово и Бугарија, а наскоро планираме и ширење на бизнисот во Грција. Колку македонските компании се сериозни во својата извозна стратегија, зборува следниот пример. Министерството за економија неодамна во делот за стимулации за извозните текстилни компании понуди покривање на дел од трошоците за претставување на саеми за промоција во Русија и во Велика Британија. Ниту една компанија не се пријави да учествува. Требаше само да си го покријат сместувањето и авионската карта. Колку и да ги стимулира државата, ако тие немаат желба, ништо не бива. Тие се задоволни од монополската ситуација овде и си го билдаат тоа што го имаат. Многу е смешно кога некој странец ќе ме праша која е најуспешна фирма во Македонија. Јас одговарам дека тоа е една шпедитерска компанија. Тие веднаш согледуваат дека нешто не е во ред.
Се зборува дека имате остров во Дубаи, јахта во Грција... Во кои сè бизниси сте влезени и колкаво е вашето богатство?
Орка холдинг е наша семејна компанија што отуѓи дел од капиталот, влезен во Мала богородица, пред една година со идеја средствата да се инвестираат во новата болница што почна да се гради. Педесет проценти од болницата ќе останат на фамилијата Камчеви, а 50% на новиот инвеститор. За околу пет години можеби со оваа зделка ќе имаме бизнис што ќе се мери со милиони евра. Здравството е бизнис што носи сигурни пари. Вториот дел од нашиот бизнис се четирите текстилни капацитети кои носат 7 милиони евра годишно од извоз. Третиот бизнис се нашите 14 спортски продавници што се препознатливи и функционираат 20 години. Имаме и инвестиција во дневниот весник Македонски спорт. Тоа што сакам да го потенцирам е дека нашите компании се организирани на сосема друг начин од повеќето големи компании. Иако станува збор за семеен бизнис, секоја компанија си има свој извршен директор кој не е член на нашето семејство. Значи, фамилијата не се меша во извршните функции, туку само го организира бизнисот. Јас сум присутен во надзорните одбори, но не во извршните.
Секое спомнување на вашето име се поврзува со некој скандал. Малверзации со враќање ДДВ, лажни кредитни картички, хотелот до Рамстор, зградата што ќе се гради на местото на некогашната Народна банка на скопскиот плоштад...
Сите овие измислени скандали се стратегија за наше уништување. Сè што се случи со враќањето на ДДВ-то беше судска одлука. Во тој случај нема ништо спорно. Кредитните картички се чиста местенка од одредени полициски структури. Тоа беше време кога јас, лично, требаше да бидам оцрнет и требаше да се фабрикува некоја приказна. Актуелниот случај со земјиштето на плоштадот нема никаква врска со мене. Тоа земјиште е продадено кога СДСМ беше на власт. Го купи Газменд Османи, кој има работено во Орка спорт. Тој го продаде земјиштето минатата година на американска компанија, која, пак, го продаде на сопственикот на стоковната куќа Типо. Тоа што тој ми е пријател, не значи дека и јас имам нешто со тој бизнис.
Во Србија е актуелен скандалот фудбалска мафија. Како човек кој сакаше да го купи ФК Вардар и човек кој е добро информиран за случувањата во овој спорт, сметате ли дека ваков криминал има и кај нас?
Во нашиот фудбал сè е валкано. Секој трансфер на фудбалер во последниве десет години е валкан. Ако полицијата има желба да истражува, овде ќе најде многу криминал. И не само со трансферите. Во секој договор за трансфер стои клаузула дека од повторното продавање на играчот (второ, трето...) клубот добива 20-30% од парите за кои е продаден. Тие пари не се евидентирани никаде. Најголемиот фудбалски криминалец Слободан Вучиќ, избркан од Бугарија, Србија, Хрватска, сè уште има прибежиште овде. Јас не знам зошто некој не истражи зошто? Српските медиуми веќе објавија дека Лотар Матеус, на пример, е платен преку ФК Вардар. И дека Македонија била сервис за српската фудбалска мафија. Зошто никој не го истражува ова? Големи грабежи се случуваат и со телевизиските права, од кои профитираат многу луѓе. Секако тука е и криминалот со местење натпревари, поврзани со работата на спортските обложувачници. Фактот дека претседателот на ФФМ е сопственик на дури пет обложувачници, кажува сè. Интересен е и моментот што речиси сите фудбалски клубови се со блокирани сметки. Каде тогаш стигнуваат парите од трансферите или донации од УЕФА? На сметката на ФФМ, која понатаму ги распоредува. Што друго да се каже?
Се откажавте ли од купувањето на ФК Вардар?
Не сакам да бидам сопственик. Идејата ми е 50 или 51% да биде сопственост на градот, играчите, навивачите... а остатокот на неколку компании кои би го спонзорирале, уредно со облигациони договори, со професионален тим од тренери и менаџери. Тоа не е проблем за сериозни компании. Сакам да помогнам во организацијата, да го вратиме сјајот на некогашниот расадник на македонскиот фудбал.
Неодамна на прославата на седумгодишнината на Систина беше најавена нова инвестиција за градење општа болница.
Инвестицијата вреди 18 милиони евра во првата фаза. Болницата ќе биде со пет операциони сали, во првата фаза, а ќе има 80 соби. Ќе има сериозен дијагностички центар, хирургија, речиси еден вид мини клинички центар со 300 вработени. Треба да биде изградена за една година. Научивме да менаџираме во здравството и тоа искуство ќе го префрлиме овде. Нема да имаме проблеми со стегите на банките, бидејќи влегува инвестициски фонд кој ги дава парите. Во втората фаза идејата ни е да внесеме неколку иновации, како робот, кој чини околу пет милиони евра, брза помош со пет центри низ Македонија, банка за матични клетки и лекување со матични клетки, нервохирургија, пресадување бубрези, вештачко оплодување. Сè се тоа проекти кои ги нема кај нас. Идејата ни е да развиваме медицински туризам. Ќе понудиме цена за лекување бубрег четирипати помала од таа, на пример, во Англија, пластична хирургија за шестпати поевтина од цените во западните земји. Таргет ќе ни биде долната средна класа од западните земји. Веќе сме во разговори со неколку агенции и фондови. Планираме 50% од пациенти да ни бидат од странство во делот на хируршки интервенции. Засега единствена пречка се евтините авионски летови кои сè уште ги немаме.
Последни коментари