Успехот во работата зависи од средствата што ги избираме. На пример, кофата е одлично средство за полнење вода, но не и за риболов -- за таа цел користиме мрежи.
Како што кофата е средство за зафаќање и пренесување вода, сопственоста е инструмент за зафаќање и пренесување вредност. За различни намени постојат соодвентни облици сопственост: приватна, државна, јавна, групна. Сопственичките права се одликуваат со (1) право на користење и (2) право на исклучување, односно недозволување на користење на други лица.
Сопственост 1.0
Правото на користење постои откако постои сопственоста. Најголемиот дел од нашата еволуција ја имаме минато во мали ловечко-собирачки групи. Оружјето и алатот биле во лична сопственост на секој од членовите бидејќи секој од нив ги користел во секојдневната работа. Плодовите од трудот се распределувале на рамноправен начин во групата.
Во ваквите заедници концептот за поседување на нешто што не се користи лично бил непојмлив. Пример од скорешното минато за ова се „купопродажбата“ на американскиот континент. Кога американските индијанци (ловци и собирачи) ќе „продале“ некоја земја за десет ќебиња и две пушки, тие веројатно им се чуделе и смееле на глупите белци што има даваат корисни предмети за некакво си апстрактно „имање“ на земја. За жал, остатокот на приказната не е толку смешен.
Сопственост 2.0
Од друга страна, правото на исклучување е релативно нов изум. Со земјоделската револуција пред околу 10-12 илјади години работите значително се менуваат. Големите житни приноси и припитомените животни овозможуваат населување, а потоа и зголемување на населението. Тоа пак за возврат овозможува обработка на поголеми површини, распределба на работата, рударство, итн. Меѓутоа, за сето ова да е можно, било потребно да се редефинира сопствеништвото.
Причина за тоа е што вака овозможените големи заедници ја губат способноста за саморегулирање што ја имале поранешните мали заедници. Поединците како рационални економски играчи се мотивирани да придонесуваат што е можно помалку кон заедницата, а од неа да користат што е можно повеќе ресурси. За да се избегне ваквата трагедија на заедницата, се јавува правото на исклучување како клучна одлика на приватната сопственост. Овој нов вид сопственост се има покажано како извонредно успешен не само во аграрното стопанство, туку со мали дотерувања (монетаризација) и во досегашниот развој на капитализмот.
Меѓутоа, покрај извонредните придобивки во економскиот развој што ги има овозможено овој инструмент, тој (заедно со централизираната хиерархија како главен облик на општествено-економско организирање), доведува до акумулирање на голема вредност кај мал број поединци.
Дури и ако ја оставиме настрана моралната димензија на овој проблем, практичните проблеми се очигледни: Нееднаквоста доведува до нестабилност: соочени со ограничени можности за остварување на потребите, немачите прибегнуваат кон високо-ризични постапки, како што е криминалот, или пак својата фрустрација ја изразуваат низ насилство и тероризам. Во денешни услови, имачите се многу поранливи во овој поглед. Дополнително, вишокот материјална вредност доведува и до здравствени проблеми кај имачите: кардиоваскуларните болести предизвикани од преголема тежина и депресијата се болести со најзабрзан развој во минатите три децении.
Сопственост 3.0
Меѓутоа, информациско-комуникациската револуција наметнува не само потреба за нова ревизија на тоа како ја разбираме сопственоста, туку за прв пат и реална можност за правична распределба вредност, како основа за едно хармонично и вистински човечко општество.
За разлика од комунистичките револуции, потхранети токму од вртоглаво зголемувачката нееднаквоста на капитализмот, а каде што ревизијата беше изведена по насилен пат -- денес тој процес тече спонтано и доброволно.
Главна причина за тоа е природата на новото стопанство во кое се произведуваат информации, знаење и култура. За разлика од материјалните ресурси кои што се ограничени и ривалски (користењето од страна на еден поединец оневозможува тоа да го прават другите), нематеријалните ресурси и производи на комуникациско-информатичкото стопанство не само што се неривалски, туку нивната вредност се зголемува со зголемувањето на бројот на корисници. Законите на Мур, Меткалф и Рид ја моделираат динамиката на забрзаното овреднување во инфраструктурата на новото стопанство. Последиците за зголемените продуктивност и создадена вредност се очигледни.
Затоа, без грижа.
Секако дека ќе има луѓе што ќе се противат на промените. Нека ги, нека си возат Сопственост 2.0, нека ловат риба со кофа. Во не толку далечна иднина, сепак ќе мораат да направат апгрејд, пошто новиот деловен оперативен систем го бара тоа: ене ги Гугле, Фејсбук, Скајп и компанија даваат се за без пари. За разлика од Сопственоста 2.0, каде што главниот акцент е на правото на исклучување, во Сопственоста 3.0 акцентот е на максимално вклучување, бидејќи бројот на косопственици е клучната вредност во законите на Меткалф и Рид.
Тие што нема да ја разберат оваа промена на парадигма, во најдобар случај ќе преживеат. Можеби ќе имаат, но нема да бидат.
http://www.p2pfoundation.net/
http://www.p2pfoundation.net/In_a_Nutshell
http://www.youtube.com/watch?v=NorfgQlEJv8
http://www.tate.org.uk/onlineevents/archive/open_congress/speed_wark.htm
Последни коментари