Повод за оваа статија е написот кој го видов на македонски „порно блог“. Написот ќе го пренесам тука во целост, а потоа ќе го коментирам:
„Правила за добар секс“
* Немојте да бидете добри и пристојни. Побарајте од партнерот нешто просто. Ако тој ви шепне: "Можам ли да ти ги грицкам брадавиците?", во истиот момент ќе се запалите и глупаво е да му кажете "не". Едноставно, уживајте додека ви го прави тоа.
* Дали знаевте дека брзањето е афродизијак? Без размислување навалете му на типот кога ќе стигне кај вас дома. Брзо откопчајте му го шлицот, извадете му го органот од гаќите и овозможите му орално задоволство и тоа уште во ходникот. Тој ќе го запамти тоа и ќе ви врати со иста мерка.
* Направете вака: договорете се вие да мастурбирате, а тој да ве гледа некаде отстрана, така што вие не ќе можете да го видите. Мажите го обожаваат тоа. Ова ќе го возбуди, па потоа се повеќе ќе го бара тоа од вас.
(Извор: http://porno.blog.com.mk/node/62231 [1])
Еве ги моите коментари:
Кон првиот параграф:
* За повеќето жени гризењето на кој било дел од неа предизвикува болка, особено од страна на маж кој не ги познава жените доволно. За таков ми се чини дека се работи во случајот на авторот на текстов. Барем така изгледа - типичен „сељак“ на кој нема што таа да му кажува што сака, затоа што тоа е глупаво, затоа што таа не се разбира од добар секс и затоа што тој и тоа како знае што сакаат жените. Жените, се разбира, го сакаат токму она кое тој го сака. Па десетици, ако не и стотици жени претходно немале никаков проблем со тоа што тој го прави во кревет. Мижи да те лажам. Таков маж е едноставно отворен повеќе кон своите потреби и автоматски претпоставува дека она што нему му се допаѓа веројатно и’ се допаѓа и на жената. Ако не и’ се допаѓа, значи „не ја бива“. Или пак тој инсистира на она што е „нормално“ додека таа не попушти. Или таа трпи за него, а тој нема осет да види дека таа не ужива вистински во тоа, туку само се преправа за да го усреќи. - Не гризете ничии брадавици освен ако тоа од вас експлицитно не се бара.
Кон вториот параграф:
* Дека брзањето е афродизијак важи во главно за мажите, но за жените најчесто не е така. Секој кој барем малку ги познава жените знае дека тие преферираат долги предигри со многу нежност, бакнување и искажувања на љубов. Секој маж кој тоа не го признава за валидно и прави онака како што му одговара без оглед на она што жената го преферира е егоцентрик. Тоа открива личност несигурна во себеси (несомнено има и зошто) и силни внатрешни конфликти неразрешени уште од раното детство. Не, „добар секс“ не е оној во кој тој ќе ужива, ќе и’ прави што сака и потоа ќе „сврши“ а таа нема да знае дали доживеала оргазам или не, зашто ни не доживеала, но според него требала да го доживее. И што ќе му рече таа нему? - Најверојатно: „Не знам дали свршив.“ Е па кога жена свршува дефинитивно знаат и таа, и партнерот, и сите соседи. Маж кој сака навистина добар секс ќе одвои значително време, трпение, волја и сила за својата партнерка. Жените многу потешко доживуваат оргазам од мажите. Женскиот оргазам бара посветеност. Брзањето е она кое најмалку е потребно за одличен секс. Цитирам: „Тој ќе го запомни тоа и ќе ви врати со иста мерка“. - Така се стекнуваат погрешни претстави за тоа што сакаат жените. Да, жена ќе го направи на драго срце за својот партнер она коешто тој го посакува, дотолку повеќе доколку тој и’ го прави она коешто таа го посакува. Но тоа „враќање со иста мерка“ е сосема погрешно. Не сите сакаат исто. Она кое некој го научил од порно филмовите е резултат на влијание на идеите кои им се продаваат на мажите преку порно индустријата, бидејќи таквите идеи на мажите им се привлечни. Кликај на некоја порно страна или купи го списанието, и тие ќе ти го кажат/покажат сето она што ќе ти се допадне да го видиш/слушнеш. Во најголемиот број случаи тоа е мошне далеку од реалноста.
Кон третиот параграф:
* Цитирам: „Ова ќе го возбуди, па тој потоа се’ повеќе ќе го бара тоа од вас.“ - На македонските жени им е преку глава некој нешто да бара од нив и да се поставува како репер и судец за тоа што е посакувано а што не. Прво и основно, повеќето жени во Македонија ни не мастурбираат, така што наведениот пример би било уште едно шоу за „задоволување“ на себичниот македонски маж во кое таа ниту би уживала, ниту нешто би научила, бидејќи би била сконцентрирана на „позирање“, „порно однесување“ и, општо земено, она што тој го сака (како и најчесто во македонските родови односи). А типичниот искомплексиран македонски маж ќе сака да го види и прави она кое го видел во порно филмовите - „Ете, така тоа се прави во странство“! Да се знае кој е прогресивен и бега од малограѓанштината. Но, „во странството“, токму она странство каде што тие порно-филмови се прават, мажите во реалниот живот најчесто се многу посензитивни во однос на потребите на жените. Оние кои не се чувствителни на потребите на жените се во главно неинтегрирани странски имигранти. Тие се и чести конзументи на порното. Постојат добро познати начини на заработување пари преку комплексите на индивидуите.
Уште нешто:
1. Не следете совети од луѓе кои ве упатуваат на слепо очекување жената да се запали или/и да и’ биде глупаво да каже „не“. Преку безобѕирно практикување на примерите од комерцијалните порно-материјали само ќе ја зголемите својата фрустрација, а секако и онаа на партнерката. И никогаш нема да дознаете што тоа навистина е добар секс. Наместо тоа, кажете „не“ на порно-пропагандата која ги јаде парите на неинформираните, искомплексираните и слаби по дух. Прашувајте ги партнерите што им се допаѓа, истражувајте, дајте причина за доверба од страна на партнерката/партнерот. Немојте никогаш да го занемарите фактот дека тука сте двајцата со еднакво силни потреби кои се задоволуваат најчесто на различен начин. Никој не е должен некому да служи за празнење на што и да е. Не се двоумете да ги изразите своите чувства и своето мислење на еден коректен, разбирлив и внимателен начин. Соопштете што сакате, а што не, но со нежни зборови кои ќе му влеат доверба на партнерот во вас и она во коешто двајцата учествувате. Доколку не знаете што сакате, кажете му го тоа на партнерот и замолете го да одвои време за грижливи и љубопитни крстосувања по вашите тела, умови и души. Доколку ни тој не знае, двајцата (или можеби тројцата, четиримината или колку веќе ве има) одвоете време, трпение, внимание и напор за сензуални патувања во магичниот свет на човековото битие. И да, бидете добри и пристојни. Зборовите со сексуална содржина не се непристојни. Тие се опис на боите од кои се прават воздишките. Доколку сепак таквите зборови ве вознемируваат, искомуницирајте го тоа со партнерот и предложете соодветен речник. Не секому истите зборови му ги предизвикуваат истите чувства. Не морате да се простачите ако тоа ви е одвратно. Па и во простачењето има различни нивоа. Одберето го она кое ниту на едниот ниту на другиот нема да му предизвика неудобност. Смислете свои зборови доколку така се чувствувате најпријатно. Никој нема да се смее на вашите чудни називи зашто никој освен партнерот нема да ги слушне. А партнерот е од ваша страна.
2. Почитувајте ги ограничувањата и способностите на телото на партнерката/партнерот. Секој има различни прагови на надразба. Потрудете се да ја обезбедите соодветната надразба во интензитет и вид, дури и доколку тоа бара посебен ангажман. Понекогаш на партнерот ќе му бидат потребни допири толку нежни и на сосема одредено место што ќе морате да ги вклучите сите свои „антени“ за да ги произведете токму таквите допири. Понекогаш ќе треба да потрошите многу енергија за да истраете во чинот онолку колку што на другата страна и’ е потребно. Да, некогаш се бара издржливост и сила, некогаш сензитивност, а најчесто двете одеднаш. Не предизвикувајте болка и не трпете болка (освен ако тоа и на двајцата ужасно ви се допаѓа). Во секој случај комуницирајте и поттикнувајте ја комуникацијата од другата страна. Почитувајте го партнерот. Доколку и по обидите за синхронизирање и заедничко калибрирање сметате дека таа/тој вас не ве почитува доволно или нема слух за вашите телесни и духовни потреби, не губете време, енергија, достоинство и срце со таа личност. Останувајќи добри и пристојни, внимателно, нежно и со многу такт објаснете како не гледате во истата насока. Нема да погрешите доколку бидете фини со личноста која не може да ви го даде она кое го барате, од која и да е причина. Ако морате да се разделите, не правете скандали. Голема е веројатноста дека двајцата тоа ќе ве чини нерви, по некој искршен предмет и здравје. Па на дрво ли растат тие работи?
Побарајте некого соодветен на вашите начини, какви и да се тие.
May the sigh be with you. ![[се смее] [се смее]](/misc/smileys/smile.gif)