Албумот што сега го слушам е еден од многуте докази дека прогресивна музика во поранешната СФРЈ се компонирала претежно на нејзините ‘маргини’, односно, во Македонија и Словенија. Додека посреде најчесто имало класичен рок-ен-рол, на маргините имаше Леб и Сол и Лајбах. Во приказнава тоа е македонската паралела на Videosex – Бастион.
Електро-поп!
За еден од најдобрите македонски албуми на сите времиња веќе се пишувало премногу, а сепак не можам да прерипам и да не напишам некој збор за оригиналниот дел од ова издание, толку многу што изреката „Да се зборува за музика е како да се танцува за архитектура” ми изгледа смешна. Сè започнува со ‘Good morning darlings’, нежно галење по главата од уште понежниот глас – еден од напрепознатливите – Ана Костовска. Текстовите на Манчевски се визуелни (‘Hollywood’, ‘Hot day in Mexico’) и поинтилистички (‘Mr. Complex’, ‘Deca Sunca’), исто како и неговите режисерски дела подоцна. Идното творештво на Џајковски исто така се наѕира од ова дело, само што овде музиката е минималистичка и, со право, се остава повеќе простор на ритамот, гласот и лириката. Во еден краток момент (‘Molitva’) албумот го внесува и македонскиот мелос и, секако, македонската мелахолија, но албумот е претежно диско-ориентиран, па некои теми (‘Boje’, ‘Mr.Complex’) можам лесно да ги замислам на денс-подиум. Мој фаворит е емоционалната ‘Mesec u šolji’, со прекрасна бас-линија, полноќен амбиент и соодветно нежен полноќен глас.
Јас сум врсник со албумот, па не можам да зборувам за неговото непосредно влијание во тие времиња, но влијанието на Бастион врз современата музичка сцена во Македонија е подеднакво големо колку и било кој друг електро-поп состав од осумдесетите. Премногу е очигледно дека PMG Kolektiv ги става рамо-до-рамо и со New Order, впрочем и иницијативата за реиздание со преработки доаѓа од нив. Преработките на Foltin (‘Hot day in Mexico’) и Oliver's Geisha (‘Mr. Complex’), се направени во нивниот стил, но во нив е задржан шармот на оригиналите, што кажува дека сензибилитетот на Бастион се одразува и дваесет години подоцна. Pikolomini (‘Деца на Сонцето’) направил одлична тема која малку наликува на македонскиот гот, но, за големо чудо, оваа многу ми се допаѓа, и секогаш е to be played at maximum volume. За преработките на Bei the Fish (‘Colors’), која е направена како ориентален dub, и на Steel Temple (‘Sun Children’, метал верзија) би рекол дека се донекаде off-topic, но придонесуваат за целовитоста на стиловите во ре-изданието. Преработката на Special Club Band на темата ‘Лица во огледало’ го носи меланхоличниот македонски тон кој се провејува и во нашиот фолклор, и во естрадната музика па и во ова издание, а низ неа провејува сосема мек звук од гитара, и оваа тема има сосема добар потенцијал да стане тв-хит дури и во нашето кревко поднебје. При крајот е поставена преработката на Neletronskiot Guru од која очекував многу (зашто се работи за мојот фаворит) и толку добив - „Месечина во шолја”, направена во манир на The Residents, односно, извртена, преџвакана и исплукана верзија во која многу уживав.
Сè на сè, луѓето кои работеле на ова нешто, завршиле огромна работа, зашто освен прекрасната забава и уживање за сите, направија дигитална документација на едно културно наследство на кое ќе се радуваат многу генерации.
- Bastion -
bastion: Ана Костовска, Милчо Манчевски, Кирил Џајковски, Ljubomir Stojsavlević
(изданија: 1983, 2007)
1. Hollywood
2. Deca Sunca
3. Hot day in Mexico
4. Mesec u šolji
5. Mr. Complex
6. Lica u ogledalu
7. Molitva
8. Boje
rew>>works:
9. Холивуд – PMG Kolektiv
10. Деца на сонцето – Pikolomini
11. Hot day in Mexico – Foltin
12. Мистер Комплекс – Robotek vs. The John feat. Dora
13. Лица во огледало – Special People Club
14. Молитва – KLO
15. Colors – Bei the fish
16. Емил врати се – Pogan Pagan feat. Tamara
17. Mистер Комплекс – Oliver's Geisha
18. Mесечина во шолја – Neletronski Guru
19. Sun Children – Steel Temple
.: vonPetrushev | Veles | 7.01.2007
Последни коментари