За неработни денови Владата ќе ги прогласи верските христијански празници Велики Петок и Бадник. Од листата на неработни државни празници, пак, од наредната година ќе бидат симнати 2 јануари и 2 мај. Како што дознаваме, Владата ќе предложи измена и на одбележувањето на денов на христовото раѓање - Божик. Од таму велат дека ќе достават предлог до Македонската православна црква, наместо на 7 јануари Божик да се слави како католиците, на 25 декември.
Владини извори објаснуваат дека реално не постои пречка Македонија да се приклучи кон повеќето православни верници во светот кои Божик го слават на 25 декември, сметано по новиот грегоријански календар.
Таков пример се Грција, Бугарија, Романија, Албанија, Цариградската православна патријаршија и Александриската патријаршија.
Кај нас Божиќ се слави според стариот јулијански календар на 7 јануари, исто како и во Србија и во Русија.
Доколку се прифати поместувањето на божиќните празници, тогаш ќе се измегне оној вакум простор од две недели кога се губат комуникациите со другите земји поради прославата на католичкиот и православниот Божиќ од 25 декември до 7 јануари.
Во Македонската православна црква велат дека сеуште не добиле известување за ваквата намера на Владата.
"Доколку дојде ваков предлог до Синодот тогаш тој ќе биде разгледан, а за тоа ќе одлучи Соборот", велат во МПЦ и додаваат дека до сега ниту една Влада не доставила официјално барање за промена на празникот Божик.
Црковни извори објаснуваат дека доколку се прифати предлогот на Владата не може да се помести само прославата на Божик, туку тоа ќе се однесува на сите празници во годината.
"Не може да се прифати само новото сметање на Божик. Црковната година има еден циклус на празници и тогаш ќе треба да се сменат сите, да се поместат сите празници", објаснуваат црковни извори.
Неофицијално дознаваме дека во МПЦ се остава простор за прифаќање на владиниот предлог, но велат дека "во овој историски контекст, кој не е најповолен за Македонската црква не се пожелни промени".
Оваа година, според Владината програмата има 7 празника кои се неработни за сите граѓани во Македонија. За верниците од исламската вероисповед дополнително, за неработни се прогласени и Курбан-Бајрам и Рамазан - Бајрам. И за католиците се неработни 25 декември и 17 април поради прославата на Божик и Велигден. Еден неработен празник имаат и припадниците на Еврејската заедница во Македонија.
Последни коментари