3 декември, 2008 - 23:48
[веб кирилица]

Good night and good luck

од блогбастер на 18 сеп 2006 - 23:00

Преземено од Левичарски блог [levicamk.blog.com.mk]
__________________

Пред два дена заврши Скопскиот филмски фестивал. Обично секоја година има по некој политички некоректен филм. Оваа година тоа беше Good night and good luck на Џорџ Клуни.

Во филмот се работи за познатиот лов на "комунисти" спроведен во 50-тите години во САД, од страна на сенаторот Џозеф МекКарти. Овој случај веројатно им е познат на повеќето од посетителите на блогов. И, повторно, со овој пост не сакам да ги бранaм комунистите (зашто во филмот и ги нема), туку сакам да посочам на (не)демократијата во земјата на "слободните", домот на храбрите, "најдемократската" земја во светот, САД.

Имено, под маската на т.н. борба против злото, алијас комунизмот, МекКарти спроведува такви процеси во кои обвинетите немаат шанси да се бранат, обични сведочења без соочување со обвинетите се сметаат за крунски доказ, се изнесуваат лажни тврдења без докази, обвинетите се осудуваат без судење итн. И ако ова ве потсети на процесите водени во тоталитарните и авторитарните режими, не сте далеку од вистината. Но, тоа не е се. Оние кои имале какви било врски со комунистите биле веднаш обележани како сомнителни и обвинети како предавници, а да бидеш член на Комунистичката партија, тоа било автоматски престап за кој нема оправдување. Па нели едно од начелата на демократијата беше слободата на избор, вклучувајќи ја тука и идеолошката и политичката определба, конкректно, да бидеш комунист во капиталистичка земја. Но, очигледно, тоа не смеело да се случи. И она што уште повеќе ме наведе да се потсетам на СССР и компанија, беше тоа што никој не му се спротивставуваше на МекКарти, од страв да не биде обвинет дека и тој е комунист. Ако не е со нас, тогаш тој е против нас. Од ова пототалитарно, здравје. И кога новинарот Едвард Мароу (или Бароу) во својата политичка емисија се обиде да ги одбрани обвинетите, не преку правото да бидат комунисти, туку преку правото на фер судење, МекКарти побрза да го обвини дека е комунист, изнесувајќи лажни тврдења (Ова многу ме потсети на политиката на Буш, но за тоа во некој друг пост). Со тоа ја покажа карактеристиката на сите власти, било демократски или авторитарни - настојување да се задржи режимот, без разлика на средствата. На крајот, случајот заврши компромисно - врз МекКарти беше спроведена истрага во Сенатот, новинарот доби полош термин за својата емисија, а компанијата во која работеше, CBS (Columbia Broadcasting System), мораше да отпушти неколку работници. Иронично, оваа компанија подоцна беше дистрибутер на изданијата на Pink Floyd за САД, група која ако не може да се нарече левичарска, тогаш во секој случај била против авторитетите, системите и официјално важечките вредности, кои постоеле тогаш, и кои се уште постојат.

Сличностите со тоталитарните методи се повеќе од очигледни. Можеби не со истиот интензитет, поради различните услови, но сепак намерата била иста. Со написов сакав да покажам дека, како што реков погоре, разликата помеѓу државите, било демократски или не, понекогаш може да биде мала. И затоа, кога изнесувате тврдења за процесите во СССР, СФРЈ и слично, имајте на ум дека тоа се случило, и се уште може да се случи и во некоја од демократските земји.

На крај, би повлекол аналогија со антагонизмот капитализам-социјализам/комунузам. Приврзаниците и на едниот и на другиот систем сметаат дека нивната алтернатива најдобро ќе одговори на потребите на општеството. И тоа е ок. Но, да се тврди дека само капитализмот е способен за тоа, и дека не може да биде заменет со друг систем, тоа многу ми мириса на едноумието што владееше до 1990. Но, и за тоа во некој друг пост.