Ме нарекуваат мајмун! Поради тоа, на оние кои тоа го заслужиле, ќе им ги искорнам ушите, а засега нешто ме копка славата на оној Жан Жак Русо. Што сè тој тип знаел? И како деца да се повиваат и како девојки да се земаат! И јас би сакал сè да знам.
Ма, јас веќе сè знам, само не сум баш сигурен во своите знаења. Што се однесува до децата, тоа точно го знам - тие треба да се убијат. За таа цел би изградил во градот централна јама и во неа би ги фрлал децата. Јамата секој ден може да се полива со жива вар, за да не смрди. Во истата јама би ги фрлал сите германски овчари. А сега за тоа како би ги мажел девојките. Тоа по мое мислење е уште поедноставно: би изградил општествен дом каде што, да речеме еднаш месечно, би се собирала сета младина. Сите, од 17 до 35 години, би морале да се соблечат голи и да шетаат по салата. Ако некој се допадне некому, тогаш тој пар оди во аголот и таму взаемно се прегледуваат подетално. Заборавив да кажам дека сите на вратот би морале да имаат картичка со име, презиме и адреса. Така што на оној кој ни се допаднал да можеме да му испратиме писмо и да воспоставиме поблизок контакт. Ако во тие работи се вмешаат родителите, треба веднаш да се убијат со секира и да се одвлечкаат на истото место каде и децата - во централната јама.
Јас уште би напишал за некои свои знаења ама за жал морам на пазар по грашок. Кога излегувам на улица, јас секогаш земам со себе дебела гранка. Гранката ми треба да тепам деца што ќе ми се најдат на патот. Сигурно поради тоа ме нарекле мајмун. Чекајте, безобразници, ушите ќе ви ги искорнам!
Последни коментари