Бродот се движеше полека, споро, како да не стануваше збор за брод кој е најмодерен крик на технологијата. Делуваше некако тажно, осамено, во празнилото окулу него прошарано со ѕвезди. Доколклу имавте искуство во вселенски патувања лесно ќе можевте да забележите дека бродот не е одржуван како што треба добри пет години, а доколку сте стручњак во вселенски патувања тогаш со само еден поглед на бродот ќе знаевте дека резервите на храна и гориво се пред крај. Во бродот, на мостот, на ѕидот веќе долго време, осамено, нервозно, тажно беше нацртано едно лице кое како и секое друго лице си доби име. Никола го погледна лицето, полека нога пред нога направи неколку чекори во круг, и повторно го погледна лицето. - Готово е, знаеш. - го гледаше цртежот со жален израз, - Резервите ни се при крај, имаме уште само една шанса. - почна повторно нервозно да оди во круг некои време пред да застане да се сврти повторно кон нацртаното лице и да праша: - Значи мислиш дека треба да одиме таму? Добро, добро, можеби си во право. Има девет планети, исто како и Денос... тоа ми влева надеж дека можеби овој сончев систем ќе ни обезбеди дом. - Се одвлечка до фотелјата, седна бавно, споро, и долго време гледаше во подот. Тешко воздивна го погледа нацртаното лице и му се обрати: - Ед... денес се точно пет години од несреќата. Сум ти кажувал и порано, знаеш... Не требаше да се пријавувам за таа мисија... Види каде ме донесе таа љубопитност...
* * *
Го гушкаше ѕидот, лицето нацртано на ѕидот, Ед. Беше весел, можеше да се забележи, а беше и задишан како да скокал неколку минути наваму-натаму во некортролирани изливи на радост и среќа. Се тргна од Ед, пронајде креда и му ја поправи насмевката. - Ете таков те сакам Ед, успеавме знаеш. Има живот. Третата планета е совршена. Има кислород, има вода, и тоа ја има доста, исто како дома, има и шуми. Има и луѓе, Ед, има луѓе, слични како и јас. - Се сепна, и ја избриша насмевката од лицето на Ед. - Ед, ќе морам да те напуштам, знаеш... Ќе доаѓам понекогаш да те посетувам... Мило ми е што ме разбираш Ед, и ти ветувам дека ќе те посетувам.
* * *
Бродот слета во морето, продолжи до неговото дно, а малку подоцна една малечка капсула го напушти и се упати кон координатите кои претходно и беа поставени. Пристигна за неколку минути, бареше подземна пештера неколку часови, а потоа се скри во пештерата. Од капсулата исплива една прилика, со гумени додатоци на нозете и со чудна направа во устата. Брзо се упати кон брегот. За неколку минути ја пронајде патеката и тргна по неа. Знаеше дека наскоро треба да се појави првото населено место. Првите куќи ги здогледа после неколки изодени километри, продолжи кон внатрешноста, полека, разгледувајќи ја околината. Кога го здогледа првиот човек пребледе. Му требаа неколку минути да се соземе. Продолжи понатаму. Наидуваше на двајца луѓе кои нешто разговараа, и мавтаа со рацете. Веќе скоро им се приближи кога го погоди уште еден шок. Тој можеше да разбере што зборуваат. Ја изгуби свеста.
* * *
Се разбуди во мала просторија, слабо осветлена.
На масата во аголот седеа две прилики и разговараа.
Е Јосипе, знаеш ли што прочитав денес.
Што? - незаинтересирани праша.
Откриле струја.
Струја?
Да струја. Светло сега се добива од жичка во вакум, која свети кога ќе потече струја. Ќе и пронајдат и многу други задачи на струјата, знаеш.
Абе ајде, светло од жичка. Не ми се верува тоа, сешто пишуваат ова веснициве денес.
Но навистина. Ја добиваат така што ставаат извесни течности во садови.
Знаев. Алхемичарска работа.
Ех, не е тоа алхемија, тоа е хемија. Само имаат еден проблем.
Вратата се отвори и една жена влета брзо низ неа.
Видете, човекот се разбудил, а вие тука бадијалџите како и секогаш. Уште и ракија и салата сте земале. За тоа ли јас туржија ставав, за вие да се пијанчите тука.
Аман жено. - се заврте кон Јосип и брзо му дошепна. - Само проблем им било што неможат да ја натераат струјата да тече повеќе од стотина метри, но ќе видиш, ќе успее некој ден. - Брзо се сврте и продолжи. - Аман жено, не гледаш дека се разбудил човекот. - Го погледна Никола и веднаш го запраша. - Како си подобар?
Подобар. Да. Но каде сум јас?
Кај мене дома, те најдовме на улица во несвест и така чудно облечен. Те донесов дома, многу си тежок, по пат кажано, и имаш чуден акцент, од каде си?
Од... Незнам, не се сеќавам. - тивко изусти.
Еј, па тој има азнемија.
Не Јосипе, тој има амнезија. Ниту на името не се сеќаваш? - го праша.
Не.
На годините?
Не. Не се сеќавам на ништо.
Уф, незгодно. - рече Јосип.
Да, многу незгодно. - се сложи.
Епа мора да имаш име, да те викаме некако, зошто не можам да допуштам да те оставам да шеташ така. - се сврте кон жената заинтересирано го следеше разговорот. - Жено, си најдовме бебе.
Малку големо бебе. - насмевнато забележа жената.
Но... - се побуни гостинот.
Не се грижи, ќе те научиме се што треба да знаеш... Никола...како ти се допаѓа тоа име?
За малку уште еднаш ќе паднеше во несвест.
- Еј што пребледе човеку? - се сврте брзо - Жено, додај чаша вода.
Се потсетив... Никола... Никола и ми беше името.
Епа добродојде Никола. - благо му кажа, се сврте кон Јосип, му намигна и тивко му рече: - Ме бива за кум. А за струјата, ќе видиш, еден ден ќе ја има во секој дом.
И јас мислам дека ќе ја има.
Ете гледаш, - му се насмевна - и Никола може да го види тоа, иако има амнезија. Се гледа дека е на мене. - повторно му намигна на Јосип кој само потврди смеејќи се..
* * *
Да но Ед, јас можам да им помогнам. Знаеш ли колку време на нас ни требало за да ја откриеме наизменична струја? Ќе лутаат уште стотици години. - седеше видно вознемирен и гледаше во нацртаното лице. - Да Ед, јасно ми е дека не треба да се мешам, но само едно нешто, само за едно нешто да им помогнам. - го гледаше ликот нетрепкајќи. - Од каде знаеш дека нема да застанам на едно нешто? - го гледаше ликот, слушаше. - Нема Ед, ќе издржам, само наизменична струја и толку. - Го гледаше ликот полн со надеж. - Ветувам Ед. Ветувам. Само назименична струја и толку. И знаеш што Ед, ако ме видиш некогаш, ако дознаеш дека правам повеќе, да ми ги запалиш белешките и да правиш со мене што сакаш. - Го гледаше ликот нацртан на ѕидот. - Договорено Ед. - стана, тргна кон ликот нацртан на ѕидот и го гушна.
* * *
Во исто време, во една друга вселена се одвиваше скоро слична комбинација, само со една, можеби, незначителна разлика. Приказната, значи, почнува исто.
* * *
Бродот се движеше полека, споро, како да не стануваше збор за брод кој е најмодерен крик на технологијата. Делуваше некако тажно, осамено, во празнилото окулу него прошарано со ѕвезди. Доколклу имавте искуство во вселенски патувања лесно ќе можевте да забележите дека бродот не е одржуван како што треба добри пет години, а доколку сте стручњак во вселенски патувања тогаш со само еден поглед на бродот ќе знаевте дека резервите на храна и гориво се пред крај. Во бродот, на мостот, на ѕидот веќе долго време, осамено, нервозно, тажно беше нацртано едно лице кое како и секое друго лице си доби име. Никола го погледна лицето, полека нога пред нога направи неколку чекори во круг, и повторно го погледна лицето. - Готово е, знаеш. - го гледаше цртежот со жален израз, - Резервите ни се при крај, имаме уште само една шанса. - почна повторно нервозно да оди во круг некои време пред да застане да се сврти повторно кон нацртаното лице и да праша: - Значи мислиш дека треба да одиме таму? Добро, добро, можеби си во право. Има девет планети, исто како и Денос... тоа ми влева надеж дека можеби овој сончев систем ќе ни обезбеди дом. - Се одвлечка до фотелјата, седна бавно, споро, и долго време гледаше во подот. Тешко воздивна го погледа нацртаното лице и му се обрати: - Ед... денес се точно пет години од несреќата. Сум ти кажувал и порано, знаеш... Не требаше да се пријавувам за таа мисија... Види каде ме донесе таа љубопитност...
* * *
Го гушкаше ѕидот, лицето нацртано на ѕидот, Ед. Беше весел, можеше да се забележи, а беше и задишан како да скокал неколку минути наваму-натаму во некортролирани изливи на радост и среќа. Се тргна од Ед, пронајде креда и му ја поправи насмевката. - Ете таков те сакам Ед, успеавме знаеш. Има живот. Третата планета е совршена. Има кислород, има вода, и тоа ја има доста, исто како дома, има и шуми, секакви животни... Но нема луѓе Ед. - гледаше празно, тажно во ликот нацртан на ѕидот. - Нема луѓе Ед. - Ја избриша насмевката од лицето на Ед.
* * *
Слета на планетата, излезе од бродот и долго време истражуваше. Понекогаш некое животно ќе го нападнеше но никогаш не успеваа да го изедат затоа што поседуваше моќно оружје, кое на еден час целосно го парализираше секое животно, и сето тоа го правеше мошне брзо. Истражуваше, се качуваше на планини, препливуваше реки, но секогаш се враќаше кај бродот, кај Ед. Му беше досадно, беше осамен и мислата си дојде сама по себе, а кога дојде го изненади толку што мораше да се запраша зошто на тоа не му текнало уште многу одамна. Реши од својата ДНК да направи луѓе. За почеток машко и женско. Отпрвин Ед се спротиставуваше на оваа негова замисла, но подоцна Ед попушти. Дури сега, кога е при крај на проектот, Ед го охрабруваше, му даваше поддршка. Се наоѓаше во лабораторијата на бродот, на само неколку минути од завршниот период на инкубација, на само неколку мигови од неговата творба. Маж и жена. Слични на него. Негови деца може да се каже. Неколку минути поминаа и комората се отвори. Излегоа две прилики, маж и жена, кои го знаеа човекот пред нив затоа што во периодот на инкубација им беше овозможено да научат многу работи, меѓу кои и одење, дишење, говор и слични работи. Ги фати за рака и ги однесе на мостот да ги запознае со Ед. Застана пред цртежот го погледна мажот и рече: - Адам, запознај се со Ед. - потоа свечено ја погледна жената и рече: - Ед, ова е Ева.
Каква ли е оваа глупост. - се дрзна Ева. - Овој човек разговара со сликава. Очекува да се запознаеме со неа.
Полудел. - се сложи Адам. - Имам идеја. - рече отсечно и го снема.
Се појави после неколку минути и брзо пред некој да има шанса да се спротистави го избриша со мокра крпа цртежот.
Што направи будало! - вресна Никола. - Што направи будало. - плачеше гневен, и викаше, и викаше, викаше, викаше. - Бегајте од мене, бегајте. - Ги грабна ги одвлечка до излезот на бродот и ги исфрли надвор. Брзо се врати на мостот, го гледаше местото на кое што некогаш беше Ед и нервозно крцкаше со забите, стискаше со тупаниците, тропкаше со ногата на подот. Отиде до командната плоча и го стартуваше бродот. Се одвои од земјата, полека, бавно, тажно, нервозно, и побрзо, побрзо, и додека да трепнеше беше на пат кон сонцето. Дваеесет и седум секунди подоцна, ако некој гледаше во сонцето, ќе забележеше една мала дамка. За искусно око дамката ќе изгледаше токму на дамка што на сонцето ја остава модерен, но седум години слабо одржуван, вселенски брод при судар со него.
Последни коментари