Антон Михајлович плукнал, рекол „ех“, повторно плукнал, повторно рекол „ех“ и отишол. И нека го. Да го оставиме тоа.
Подобро да ви раскажам за Илија Павлович...
Илија Павлович се родил 1893 година во Истамбул. Уште додека бил мало момче, неговите се преселиле во Петербург и тука завршил германско училиште во Кирочната улица. Потоа работел во некоја продавница, потоа уште нешто работел, а кога започнала револуцијата, емигрирал во странство. И нека го. Да го оставиме тоа. Подобро да ви раскажам за Ана Игњатевна.
Ама да се раскажува за Ана Игњатевна не е така едноставно. Како прво, за неа не знам баш ништо, а како второ, тукушто паднав од столот и заборавив што сакав да раскажам. Подобро да ви зборувам за себе.
Со висок раст сум, интелигентен, убаво и вкусно облечен, не пијам, не одам на трки, единствено што сум, ете, женскар. Ниту жените немаат ништо против. Дури, сакаат кога се забавувам со нив. Серафима Измајловна повеќе пати ме викала кај себе, Зинаида Јаковљевна рече дека секогаш ќе и биде мило да ме види. Ама со Марина Петровна, се случи интересна работа за која сакам да ви раскажам.
Случката по сè е обична, ама сепак интересна, бидејќи благодарение на мене, Марина Петровна потполно оќелаве. Од чист мир.
А се случи тоа вака: дојдов еднаш кај Марина Петровна, а таа пуф! - и оќелави! И тоа е сè.
Последни коментари