Balkan Music Square 2005

Само што се вратив дома од Балканскиот музички плоштад (Balkan Music Square), кој се одржа во Античкиот театар во Охрид. Вечерва беше финалната вечер, а настапија една вокална група од Албанија, г-динот Пагани од Италија, на кого постепено му се придружија членовите од македонската етно група Синтезис.

Концертот беше бесплатен, а Античкиот театар повеќе од полн. Во духот на Балканскиот музички менталитет ние задоцнивме малку, па се сместивме на работ од улицата која поминува веднаш над театарот, што ни даваше прекрасен поглед на сцената и позадината (целото езеро, до Поградец, заедно со крајбрежјето, кое беше осветлено во населените места). Ѕвезди на небото имаше малку заради облаците, но сосем доволно.

Антички театар - Охрид, 6 Август 2005, 21 часот и 15 минути. Концертот почнува со вокалистите од Албанија, облечени во народни носии. Двајца по двајца излегуваат два чекора понапред и пеат, додека остатокот од ансамблот ги бодри со позадински вокали. Искрено, не беше нешто фасцинантно, баш напротив. Кулминацијата во нивниот настап беше кога двајца од нив почнаа да симулираат борба на пеливани, буквално прпелкајќи се по прашливата бина. Уште една или две песни, и конечно заминаа. Публиката ги поздрави безмалку со овации, ми се чини, дозволете да бидам малку пакосен, задоволна бидејќи си отидоа.

На сцената се појави маестро Пагани, на кого за жал не му го запомнив името, иако „Трето уво“ го најави како многу океј композитор и музичар, со импозантни 10 (десет) албуми и музика за дури 3 (три) филма. Баш така. Откако се извини што не знае да зборува Македонски јазик (замисли?), Пагани свиреше на некаков инструмент кој беше нешто измеѓу гитара, мандолина и тамбурче. На моменти низ неговите елегични италијански мелодии прозвучуваше некаков рок риф, некоја „музика на струја“, што во секој случај беше пријатно за слушање. Песна по песна, му се придружуваа членовите на групата Синтезис, но кога дојдоа сите, без вокалистките, Пагани си замина, мавтајќи кон публиката со виолината, на која во меѓувреме се имаше префрлено, оставајќи го тамбурчето. Го заменија трите женски вокали, и сега веќе игравме со прва постава.

И тогаш започна музичката кулминација на вечерта, со виртуозноста на членовите на Синтезис, и со нивниот светски препознатлив ритам, мелодика, кавалот, трите рустико гласови и... си знаете веќе. Публиката прекрасно реагираше на нив, а етерот се исполни со силен мирис на Македонија, оставајќи ме мене да пливам низ него, размислувајќи за автентичноста на нашето богато културно наследство, на кое мораме да бидеме горди.

На моја жал, моето прво уво откажа сосема од студот донесен од летното ветерче, па морав да заминам дома. Веќе недела дена се клошкам по уво-нос-грло доктори, бидејќи од една обична вода во увото, добив незгодна инфекција, која ми се прошири и на грлото. Немајќи начин како да го стоплам увото, морав да се приберам на топло. Сега сум дома, ги слушам Синтезис на компјутерски звучници од 5 долари и чекам да ми помине увото.

Земено од Panta Rei: „Balkan Music Square 2005“.

Опции за гледање на коментари

Избери го посакуваниот начин за прикажување на коментарите и кликни на „Активирај“ за да ги видиш измените.
Слика на GoodBytes

Updates

Вечерва разговарав со луѓе кои знаеа нешто (многу) повеќе за Мауро Пагани. Прво, тој на почетокот свирел на бузуки(!), кој мене ми заличи на нешто друго, онака „заструен“ и дисторзиран. Второ, Амбасадата на Италија го имала и претходно повикано во Македонија, за да одржи концерт во Универзалната сала во Скопје. Човекот виртуозно свирел на десетици инструменти, а повеќето од неговите големи хитови ги изведувале други музичари. Всушност, тој дури многу подоцна започнал самиот да ги изведува своите композиции. Секоја чест.

Исто така, вечерва разговарав и со еден мој пријател албанец, со кого случајно се сретнав, шетајќи се по охридскиот Кеј. Опишувајќи му го стилот на музиката која ја изведуваше вокалната група од Албанија (3 Фолк), тој ми кажа дека тоа (темно) повеќегласно пеење навистина било дел од изворната албанска музика, а дека ова што денес го слушаат албанците помасовно, всушност дека е еден вид кичерајски турбо-фолк, кој им се „диктира“ од нивниот новопечен културен центар - Тетово.

И да не заборавам, сосем случајно се запознав и со грчкиот етно ансамбл „Намасте“, кој настапуваше на првата вечер, кога на 4ти Август влегоа во ресторанот каде го прославувавме роденденот на ќерка ми. Се беа загубиле, благодарение на неозначените улици низ Охрид, и не можеа да си го најдат патот до хотелот Десарет, каде требаше да се сместат.

---

Агрегирање содржина