Постоење на Бог
По прашањето на постоењето на Бог (како супериорно суштество, и вон доменот на сите религии), постојат три главни филозофски правци или верувања: оние кои го докажуваат неговото постоење (теисти), оние кои го спорат (атеисти) и оние кои сметаат дека таквото прашање не може да се одговори (агностици). Подолу ќе набројам некои од главните аргументи и тврдења, сублимирани во нивната суштина.
Аргументи за постоење на Бог (теизам)
1. Паскаловата Претпоставка е аргумент за постоење на Бог кој не се базира на доказ дека Бог постои, туку дека неговото постоење е во наш интерес. Ова тврдење се потпира на можните последици од верувањето и неверувањето во Бог. Ако веруваме во Бог, и ако тој постои, тогаш ќе добиеме награда за тоа во Рајот, а ако не постои, нема да изгубиме речиси ништо. Од друга страна, ако не веруваме во Бог, и ако тој постои, ќе добиеме казна во Пеколот, а ако не постои, тогаш не сме добиле речиси ништо.
2. Онтолошкиот Аргумент е аргумент кој се обидува да го докаже постоењето на Бог преку апстрактно резонирање. Почнува со објаснување на концептот на Бог. Дел од она на што се мисли кога се зборува за Бог е „совршено суштество“. Тоа и е значењето на Бог. И секако, Бог кој постои е подобар од Бог кој не постои. Да се зборува за Бог како совршено суштество значи да се имплицира дека тој постои. Ако совршенството на Бог е дел од концептот на Бог, и ако совршенството го имплицира постоењето на Бог, значи и концептот на Бог имплицира негово постоење.
3. Космолошкиот Аргумент е аргумент кој e поврзан со настанувањето на Светот. Идеата дека Универзумот има бескрајно минато, дека се враќа назад до бескрај, е и филозофски и научно проблематичен. Се' укажува дека тоа дека има точка во времето кога Универзумот почнал да постои. Овој почеток или бил предизвикан, или непредизвикан. Аргументот сугерира дека непредизвикан почеток на Универзумот е невозможен (од ништо излегува само ништо). Според тоа, Универзумот е предизвикан од нешто надвор од него. Ова е и дел од христијанската доктрина за Креирањето.
4. Телеолошкиот Аргумент е базиран на редот во Светот и постоењето на суштество кое го создала со одредена цел. Универзумот е многу сложен. Огромен е, а има и комплексни природни закони, од кои еден дел е сеуште непознат. Но истовремено е и строго подреден; служи на некаква цел. Светот дава услови за развој и одржување на живот. Постојат многу можности Универзумот да бил различен, а многу од нив и не би поддржувале живот. Неможно е да се каже дека редот е создаден преку случајност. Поверодостојно и повеќе можно е дека Универзумот е ваков бидејќи е таков создаден од Бог, кој го имал во план создавањето на животот.
5. Моралниот Аргумент е аргумент кој се движи од постоењето на моралноста кон постоењето на Бог. Постоењето на Бог е потребна состојба за постоењето на моралот. Моралноста се состои од множество од команди, а не може да има команди без командант. Решението може да се најде во авторитетот на моралноста. Командите се авторитетни колку и оној кој ги командува, а моралниот авторитет ги надминува сите човечки институции. Значи, моралноста е управувана од некој, чиј авторитет ги надминува сите човечки институции. Тоа може да биде само Бог.
6. Аргументот на Религиозното Искуство тврди дека личните религиозни искуства можат да им го докажат постоењето на Бог на оние кои ги имаат. Човекот може да го забележи само тоа што постои, па така Бог мора да постои, бидејќи има такви кои го искусиле. Додека од една страна религиозните искуства и самите создаваат директен доказ за постоењето на Бог за тие среќници што ги имаат, фактот што многу луѓе тврдат дека ги имаат овие религиозни искуства исто така создава индиректен доказ за оние кои ги немаат лично.
7. Аргументот на Чудата е аргумент дека случувањето на чудата демонстрира и постоење на Бог и вистинитост на Христијанството. Според Библијата, Исусовата мисија е придружена од чести чудесни знаци и случки, кои покажуваат дека неговото учење доаѓа од Бог Отецот. Неговото воскреснување е најголемо од нив, а многумина и денес тоа го земаат како основа за нивното верување. А натприродните појави можат да се случат само ако се управувани од натприродно суштество.
Аргументи за непостоење на Бог (атеизам)
1. Претпоставката на атеизмот
Атеистите често сугерираат дека нивната позиција е „преддефинирана“, или однапред дадена, а тоа е претпоставката на атеизмот (нешто слично како презумпцијата на невиност - секој е невин додека не се докаже спротивното). Ова става товар за докажување врз теистите; ако теистот не успее да пласира убедлив доказ за постоењето на Бог, тогаш атеистот е оправдан во својот атеизам. Презумпцијата на атеизмот може да се изгради на два начина, каде едниот резултира со презумпција на лабав атеизам, а другиот презумпција на цврст атеизам.
2. Проблемот на Злото
Проблемот на злото е проблем за балансно изедначување на постоењето на сезнаен (омнисиентен), семоќен (омнипотентен) и благонаклон (беневолентен) Бог, со постоење на свет полн со зло и страдање. Ако Бог е омнисиентен, тогаш тој ЗНАЕ што да стори за да нема ни зло, ни патење. Ако Бог е омнипотентен, тогаш тој МОЖЕ да направи да нема ни зло, ни страдање. Ако Бог е беневолентен, тогаш тој САКА да направи да нема ни зло, ни страдање. Но, ако Бог знае како, ако може и ако сака да нема ни зло, ни страдање, зошто тогаш тоа не го прави? Наједноставниот одговор е дека Бог тоа не го прави, бидејќи не постои. Ова е далеку најпопуларниот атеистички аргумент.
3. Проблемите со божествената семоќност
Доктрината за божествената омнипотентност е доктрина дека Бог е семоќен. Но, понекогаш се оспорува концептот на омнипотенција како парадоксален, логички некохерентен, и дека е логички неможно да постои било какво битие кое е омнипотентно. Оваа позиција, ако се земе за одржлива, го исклучува постоењето на Бог.
4. Проблемите со божествената сезнајност
Доктрината за божествената омнисиентност е доктрина дека Бог е сезнаен. Доктрината за божествената сезнајност се соочува со повеќе филозофски приговори; има поголем број расправи во филозофијата на религијата кои тврдат дека демонстрираат дека Бог не може да знае се'. Меѓу нив се и расправите дека доктрината на божествената омнисиентност е логички неповрзана, дека е неконзистентна со следната (христијанска) доктрина за божествената беспрекорност (т.е. доктрина дека Бог не може да направи грев), и дека е побиена со фактот за човечката слобода. Ако било кој од овие аргументи е успешен, тогаш не може да постои омнисиентен Бог.
5. Проблемите со божествената праведност
Доктрината за божествената праведност е исто така подложена на критики. Прво, испаѓа дека е во конфликт со идеата дека Бог простува. Праведен Бог ќе се погрижи секој да го добие тоа што го заслужува; Бог кој простува прави нечии гревови да поминат неказнето. Второ, христијанскиот поглед на Рајот и Пеколот испаѓаат неправедни, и тоа на многу начини. Пеколот, на пример, испаѓа да им нанесува бескрајно голема и бескрајно долга казна на оние кои се таму испратени. Така, како може некој конечен грев да заслужува бесконечна казна? Праведните казни и награди се пропорционални со лошите и добрите дела на лицата кои ги заслужиле. Рајот и Пеколот имаат само две состојби: се' или ништо. Според тоа, тие не можат да бидат праведни.
6. Полемиката за автономијата
Полемиката за автономијата е расправата дека постоењето морално автономни застапници е неконзистентно со постоењето на Бог, и дека ако морално автономните застапници постојат, тогаш тоа го побива постоењето на Бог. Бог, ако постои, е вреден за обожување. Но, ако едно битие е вистински вредно за обожување, тогаш тоа има полно право на нашата безусловна послушност. Од друга страна, моралните застапници не мора да пружат безусловна послушност кон ниеден друг застапник. Моралното застапништво бара автономија, па така идеата за морална обврска да се откажат од својата автономност е некохерентна; со откажување од сопствената автономност тие престануваат да бидат морални застапници и со тоа престануваат да имаат морални обврски. Значи, не можеме да имаме обврска за безусловна послушност кон било кој застапник, па така и не може да има било каков застапник кој е вреден за обожување. Оттука следува дека не може да има Бог.
Агностицизам
Агностицизмот е поглед кој тврди дека знаењето дали Бог постои или не е недостижно, и дека не можеме да бидеме во право ни верувајќи дека Бог постои, ни верувајќи дека Бог не постои. Има два пристапа кои се во прилог на полемиката на овој поглед: прво, дека може да се тврди дека знаењето за постоењето на Бог е недостижно според тоа што ниту еден доказ не може да го оправда религиозното верување, и второ, дека може да се тврди дека знаењето за постоењето на Бог е недостижно бидејќи доказите за постоењето на Бог се недостижни.
1. Полемиката за несигурноста
Полемиката за несигурноста го разгледува фактот дека не можеме да постигнеме сигурност или извесност за тоа дали Бог постои, и со него го оправдува агностицизмот. Полемиката сугерира дека било какво тврдење во прилог на теизмот или атеизмот води кон невистинитост, и како такво треба да се отфрли. Секако, таквите дискутабилни тврдења ги прифаќаме како доволно оправдување за многу од нашите верувања, па така ова тврдење за несигурноста ќе биде убедливо само ако има причина за да се бара подобар доказ кога се одговараат религиозните прашања, во споредба со причините за барање доказ во другите случаи. Една таква причина е важноста да се биде во право кога се работи за постоењето на Бог.
2. Полемиката за непоимливоста
Алтернативниот пристап во полемизирањето во прилог на агностицизмот е полемиката која доаѓа од непоимливоста. Теистите често се задоволуваат со изјавата дека ние не сме способни да го појмиме (разбереме) Бог, дека неговото битие ги трансцендентира нашите овоземски искуства и дека нашите концепти, кои се деривираат од таквите наши искуства, не можат да се искористат за да го опишеме Бог. Ако ова е точно, тогаш истото може да се смета за тврдење кое е во прилог на агностицизмот; ако не можеме да го појмиме Бог, тогаш не можеме ни со сигурност да носиме заклучоци поврзани со неговото постоење.
Земено од Panta Rei: „Постоење на Бог“.
- GoodBytes's blog
- Додај нов коментар
- 1982 читања

на самиот
на самиот почеток би сакал да обрнам внимание на воведниот пасус од текстот во кој што можеме да забележиме дека тој почива врз претпоставката дека дека бог е суштество. се разбира, тоа е традиционалниот начин на кој што овој концепт се елаборира во најголемиот број религии. мојата лична концептуализација за бог, или подобро кажано, божественото е поинаква и со задоволство ќе ја претставам во некоја наредна прилика.
имајќи ја предвид оваа клучна (но според мене фундаментално погрешна) претпоставка, сметам дека текстот убаво ги покрива сите релевантни пристапи и линии на аргументирање за онтологијата на концептот за бог дефиниран на таков начин. во продолжение би сакал да додадам неколку забелешки за некои од нив.
.
затоа, паскаловата претпоставка не можеме да ја земеме како теистички аргумент, туку повеќе како прагматичен принцип.
.
ова е bootstrap пристап -- заклучокот дека бог постои е вграден во самата претпоставка во „објаснувањето“ за тоа што е бог. според мене, еден од послабите аргументи.
космолошкиот, телеолошкиот и моралниот аргумент можат да се критикуваат заради нивниот пристап на користење на принципи воочени во нашето секојдневно искуство (како што се историскиот тек на времето, причинско-последичните односи, целисходноста на однесувањето, постоењето на моралот и неговата универзалност ) и се обидува да ги примени врз една трансцедентална категорија како што е бог. како груба споредба, може да се каже дека тоа е слично на обидите да се извлекуваат заклучоци за постоењето и природата на тридимензионален свет врз основа на принципите што владат во дводимензионален универзум.
според мене, „аргументот“ за религиозно искуство е клучниот теистички аргумент за постоењето на бог. но, од технички аспект, тоа него не можеме да го сметаме за вистински аргумент што може да се користи при логичко заклучување и дискусија, пред се' заради неговата субјективна природа која што оневозможува објективна верификација од страна на оние кои што не го доживеале.
.
чуда -- муда! голема ми ти работа во ера на коли без коњи, светлина на копче, летање без крилја.
.
од една страна, аргументов е силен -- бидејќи постоењето на бог не е очигледно, тежината на докажувањето почива кај теистите. од друга страна, аргументот не е дефинитивен затоа што отсуството на доказ на претставува доказ за отсуство.
проблемите за злото и божјата праведност страдаат во суштина од истите недостатоци како и космолошкиот, телеолошкиот и моралниот аргумент на теистите -- тие припишуваат овоземски својства на еден ентитет кој што по својата дефиниција има трансцедентална природа.
слично, ваквиот проблематичен пристап можеме да го видиме и кај нелогичноста со божествената семоќност. за илустрација често се користи следново прашање:
дали бог може да создаде камен што не може да го крене?
тома аквински го помирува овој парадокс со тврдењето дека за моќта може да зборуваме само во однос на возможни нешта, и дека поисправен начин за зборување за семоќноста на бог е дека тој може да ги направи сите нешта што се возможни.
.
лично, не гледам како овој аргумент (сам за себе) оди во прилог на атеистите.
.
не сум сигурен дека разбирам за какви морални застапници зборуваш. кои/што се тие?
на крај, доаѓаме до агностицизмот. според мене, тоа е единствениот логичен заклучок до кој што ние како рационални битија можеме да дојдеме. се разбира, ние не сме само рационални битија, но дискусиите, по самата своја природа, се одвиваат во доменот на рационалното. затоа,
.
е она што јас го сметам најблиско до „вистината“, но јас малку би ја прецизирал:
аргументот не е дека ние не можеме да го појмиме бог, туку дека не можеме да го појмиме со нашите рационални капацитети, кои што не се и единствените кои што ги имаме на располагање. сведочењата на луѓето од различни географски области и историски периоди за нивните религиозни искуства укажуваат на тоа дека луѓето имаат на располагање и поинакви капацитети со помош на кои што можеме да го осознаеме бог (јас би додал: но не како суштество, туку како една трансцедентална реалност). сепак, невозможноста за лесно објективно верификување на нивните искуства, одново ја враќа рационалната дискусија во доменот на агностицизмот.
но, колку и да е се интересни философските дискусии за бог, тие наликуваат на дискусии на глуви луѓе за природата на музиката: иако можат рационално да го појмат звукот преку концептите за фреквенции и бранови разбрани со изучување на физиката, па дури можат и да ги почувствуваат вибрациите од некои инструменити во своето тело, тие не можат во целост да ја доживеат музиката и мораат да им веруваат на луѓето со делумен или целосен капацитет за слушање дека музиката навистина постои и дека е прекрасна.
Музика за глуви
toomuchisnotenough, ти благодарам што си посветил време да ги објасниш своите размислувања за постоењето на Бог и критички да се осврнеш на некои од клучните полемики поврзани со темата.
Овој текст излезе како резултат од едно лично микро-истражување на оваа тема, а мојата цел зад публикувањето е само да ги набројам главните аргументи во „дискусијата за глуви“, како што и самиот добро кажа. Можеби на некого ќе му бидат корисни толку сублимираните информации. Можеби на некој кој за прв пат се интересира за овие теми, па еве, ова да му биде еден краток и интересен вовед во областа. Деца, за вас е ова. :-)
А за тоа што прашуваше, кои се морално автономните застапници (morally autonomous agents во оригинал), не би можел со сигурност да кажам без да расчепкам повеќе. Мојата перцепција од она што најдов за нив е дека се работи за генерализирана група од објекти околу кои се гради религиозната приказна, објекти кои се некаков репер за божествена чистота, или етички водич, најчесто со натприродни атрибути. IMHO, тука мислат на светците и ангелите (кај христијанството, или други полу-богови и натприродни битија кај другите религии), а и Бог како (врвен) морално автономен застапник на луѓето (кон кого мора! да се има послушност). Но, навистина и сам си ставам тука еден голем прашалник.
Листа и објаснување на аргументите за и против постоење на Бог може да се најде и на Wikipedia:
- PRO;
- CONTRA.
---
Нема аргументи
Нема аргументи за постоење на бог, а и самото барање на рагументи се коси со верата.
Вера=верба=верување
- Го најде ли Господ?
- Јас не знав дека требало да го барам.
Барање аргументи за постоење на бог е бесмислено.
Барање аргументи за негово непостоење е бесмислено.
Секакво барање на аргументи во врска со бог е без никаква смисла благо кажано.
Ако постои тогаш тој бара верба и затоа не дава никакви аргументи за неговото постоење.
Ако не постои тогаш барање на аргументи дека не постои е без никаква смисла зошто кому му требаат аргументи за нешто што не ни постои.
Ако постои господ тогаш нека направи еден камен што нема да може да го крене. Ако неможе да направи таков камен тогаш не е господ, а ако не може да го крене тогаш повторно не е господ. Логика, философија или нешто сосема без везе.
Целава тема е
Целава тема е бесмислена пошто кој верува верува, а кој не верува не верува и така ќе си остане без разлика на тоа колку килметри текст ќе се напишат тука.
Јас на пример верувам дека не верувам во господ и цела година некој да ме разубедува нема да поверувам во ништо освен во тоа што го верувам. А и десет години да бидат исходот би бил ист. Истото е и со останатите верници и неверници, барем според она мислење што сум го создал јас под влијание на разно-разни фактори.