1.
- Ало! Парк?! Имам лоши вести, господине. Авионот на Линда падна... Се сруши во океанот... Спасувачки тимови веќе ја бараат. ... Ќе ја нај... Ало?! Парк!? Парк?! Господине?
2.
Ветерот нежно ги галеше високите дрвја, откинувајќи ги и последните пожолтени лисја, додека потокот тивко жубореше и ги милуваше камењата обвиени со зелена мов. Сонцето срамежливо ѕиркаше зад облаците кои полека се спремаа да ја полеат сувата земја и да ја најават доцната есен. Планината го задскриваше сонцето во своите прегратки овозможувајќи им на облаците да станат погусти и потемни. Старецот седеше на дрвената клупа покрај потокот и пушејќи од своето луле ја следеше играта на природата, балот на откинатите лисје зафатени од нежното ветре, кои како да го следеа жуборкањето на водата.
Позема еден камен, го фрли во потокот и кога го слушна пласнувањето благо се насмевна среќен што и тој учествуваше во оваа представа. Полека стана, го позема бастунот и тргна кон колибата во ист момент кога облаците тргнаа кон земјата. На момент се сепна. Заборави. Се врати до клупата, повторно седна, ја помилува гравурата од неговата десна страна, погледна кон небото и ја дочека на своето лице првата капка. Потоа следеше уште една. Овојпат таа се лизна од неговото око и го продолжи својот пат по избразденото лице. Дождот се засилуваше и мораше да се засолни што побргу-тоа подобро во својата трошна стара колиба. Бавно стана и уште побавно тргна кон своето засолниште, а тоа гостољубливо го пречека со сета своја топлина и жар. Се испружи на креветот, ја поднамести перницата и некое време неуспешно пробуваше да заспиее. Стана, посегна кон масата, ја зема и веднаш почна да ја чита книгата, истата онаа книга што пробуваше да ја чита веќе неколку месеци. Повторно безуспешно. Мислите му бегаа како пеперутки, па на крај не му остана ништо освен сосема да се откаже од читање, а наместо тоа реши да касне нешто за да ги сузбие оние звуци во стомакот. Ја местеше масата кога му се причини дека слушна чекори. Го начули слухот, колку што може да го начули слухот човек на негови години, но не можеше да слушне ништо друго освен пуцкањето на дрвјата во каминот и капките дожд кои удираа во лимениот покрив. Воздивна длабоко и продолжи со она што го беше фатил да го работи. Повторно. Му се пристори како да слушна некој како тропа на вратата но продолжи да ја мести масата со мисли дека само еден миг пред тоа му се присторуваше дека чул чекори.
Следното тропнување целосно го разубеди дека станува збор само за плод на неговата имагинација. Поита кон вратата, дел затоа што веќе долго време беше осамен и му требаше какво и да е друштво, дел затоа што временските услови налагаа што побрзо да се засолни оној што тропаше на влезот од неговата колиба.
3.
Кога дојде при свест сфати дека се е сосема погрешно.
И се беше сосема погрешно.
Сосема беше пусто, а небото не беше смирувачки сино. Не беше ниту сиво, а ќе беше многу подобро да е, едноставно, црно. Но не. Мораше да биде дреч зелено, премногу, непознато, премногу нападно, странско, дреч зелено. И дрвјата. Каде се дрвјата? Нема ниту едно единствено дрво. Што е ова? Трева?
И што се оние сини, сини, ... топки? Топки, не, не е возможно да се едноставно топки. Сигурно... А оние мали животинчиња со три ноѕе кои трчкаа наваму-натуми низ недогледната рамница... Кучиња?! Можеби зајци?!
Но, што е она на хоризонтот? Птица. Хм, се доближива. Да-да, дефинитивно се приближува. Не личи на птица... нема крилја, и оној млаз светлина од страните... Брод!
4.
Десет години, поминаа десет години откако последен пат имаше стапнато на земјата. Чекореше нестрпливо, брзо, со долги скокови се протнуваше низ дрвјата, се сопнуваше, паѓаше, но исто така брзо и стануваше, повторно чекореше. На секој чекор стануваше се полесна, понестрплива, посреќна, потажна. Небото беше тмурно, густо, некако жално. Почна да плаче. Капките од чекорот направија трк. Кога стигна до клупата беше изморена и прилично задишана. Седна на нејзе, погледна кон небото кое капеше и посака да го види сонцето, додека со раката, мазнејќи ја површина на старата клупа, ја бараше гравурата. Тука е.
Се одмори неколку минути и нервозно, нестрпливо, среќно и тажно тргна кон колибата. Десет години упорно и трпеливо го бараше патот до тука, патот до оваа врата. Застана, се исправи, ја поправи косата, и одлучно тропна.
5.
Сеуште не се знае кој беше повеќе изненаден.
Парк, кој ја здогледа Линда, онаква каква што ја памти, малку постара, но онаква, каква што ја виде последен пат, пред да се качи во авионот кој се сруши некаде во океанот.
Или пак Линда, која го виде Парк, триесетина години постар, но сепак, оној ист Парк кој ја испрати до авионот со кој се сруши некаде над бермудскиот триаголник.
Последни коментари