10 јануари, 2009 - 04:45
[веб кирилица]

Експедиција 803.6

од D-507 на 15 мај 2005 - 21:28

Сините алармни светла во бродот почнаа да се палат и гаснат што самото по себе беше доволна причина лицето на Морган целосно да се измести. Вилицата скоро ќе му испаднеше од главата која пробуваше да се движи во сите насоки одеднаш, додека очите се обидуваа да пронајдат точка во која и двете ќе можат да гледаат со крајно внимание. Поминаа неколку мигови додека едното око не го фати во својот видеокруг техничарот за комуникации и веднаш инстинктивно го повика и другото. Сепак, моментот на крајно внимание доцнеше поради непослушната вилица која правеше салта или барем пробуваше да прави.

- Ш..што, што беше тоа? – Конечно процеди низ вилицата која малку од малку се беше прибрала.

- Знаци на интелегентен живот, нареднику! – со неверба во гласот, нетрепкајќи и скоро немрдајќи ја устата, одговори на прашањето техничарот. - Фативме сигнал за комуникација. Застарен и непрактичен за воља на вистината, - продолжи да известува несвесно чешкајќи си го челото - но изгледа дека некој сепак го користи.

- Каде? – Брзо праша и со долг, вешт скок се најде веднаш над контролната табла за и самиот да се увери дека Мико не халуцинира.

Овој пак чуствувајќи се малку навредено и непријатно од реакцијата на наредникот, покажа со прст на еден дел од таблата и го прочита наглас она што му стана совршено јасно и на Морган уште пред овој да стигне да одговори: - Регион Прак 2068М.

- Гледам, гледам. – Почна замислено и нестрпливо да се шетка лево-десно по елипсовидната палуба. Од големото изненадување му беше потребно малку време да го оформи следното прашање. - Кога е испратен сигналот?

- Хм, тешко е да се утврди, - кисело процеди - не ја знаеме јачината на изворот.

- Но така... – застана и се намршти како ураган - но така можеби ќе ни требаат 300 години за да стигнеме до таму.

- Во најлош случај 1.2 години нареднику, и 0.1 година за точно лоцирање на изворот. Ваквите бранови не можат да достигнат поголема далечина... – подзастана, го набра челото подзамислувајќи се:

- Единствено ако успеале да направат уред кој е милион пати поголем извор од оние што ги користевме ние пред неколку векови, а тоа е практично невозможно.

Морган не престануваше во себе да си повторува, како да сака подобро да сфати: - 1.3 години...

– Добро, - подвикна - поставете курс кон Прак 2068М. Рамата, веднаш формирај тим кој ќе се обиде да го одгонетне значењето на сигналот. Локи, преземи ја палубата. За секоја нова информација сакам итно известување.

Споро тргна кон својата кабина со глава малку поднаведена кон подот, додека погледот му беше накаде залутан, изгубен во бесконечноста на вселената. Прв пат откако полетаа пред нецели четири години добија сигнал од друга цивилизација. Прв пат ќе се соочат со нов свет, нов живот, живот по кој беа испратени да трагаат, да го најдат, истражат и доколку е возможно да остварат контакт. По прв пат во овие нецели четири години нивното патување доби смисла и тоа баш во оној момент кога скоро да изгубија и секаква надеж дека ќе го пронајдат. – Токму во вистински момент. – ја отвори вратата од кабината и се испружи во удобната фотеља.

* * *

136 дена од приемот на сигналот

- Уште 10 минути нареднику и сензорите ќе можат да ја испитаат планетата за која со 95.48% веројатност утврдивме дека е извор на сигналот.

Уште малку... – размислуваше Морган, загледан во планетата која полека растеше на големиот екран, додека неговата лева нога пробуваше да фати некој ритам само нејзе познат - уште малку и ќе дознаеме кои се нашите далечни соседи. Според сите заклучоци донесени на состанокот треба да очекуваме не премногу развиена цивилизација, ако можеме да судиме според начинот на комуникација, односно според сигналот кој го фативме и сеуште не успеавме да го одгонетнеме...

- Уште 5 минути! – Како од пушка исфрли Локи, нестрпливо гледајќи во контролната табла и нервозно тропкајќи со прстите на нејзината мазна и светла површина.

Ах, колку само ќе беше сега полесно да знаевме што значи сигналот. – Се наврати на своите мисли, стоејќи во неизменета положба со една мала, можеби и неважна разлика. Сега левата нога стоеше мирно, а десната пробуваше да продолжи онаму каде што беше застанала нејзината симетрична колешка. За сето тоа време брадата уживаше во ритмичкото чешање од палецот и показалецот. - Но можеби само на тоа поле се неразвиени додека во други, за нас непознати науки, се своеврсни богови. Можно е и во сите останати на нас познати науки да се поразвиени. Не, ваквата логика беше отфрлена од сите математичари, иако се сложија дека постои веројатност од 2.81% да е токму така. Можеби... - ќе продолжеше да размислува но гласот на првиот заменик повторно го прекина.

- Стигнавме. Сензорите вклучени. Првите резултати се очекуваат за 581 секунда. – Известуваше Локи, а во неговиот глас можеше да се забележи возбуда и немир кои сосема оправдано и крајно непрофесионално го имаа зафатено целиот брод.

- Викнете го научниот тим во салата за состаноци. – За сето време не го тргаше погледот од екранот, поточно од една долга кривудава линија на планетата која ја забележа пред половина минута, а беше облеана со мистичност и тајновитост. Не знаеше дали тоа е така затоа што тој ја прави таква или е таква сама по себе си.

- Направено.

- Мико, сите резултати од сензорите сакам да се емитуваат директно во салата. Среди го тоа и веднаш придружини се, мислам дека треба да изнајдеме начин како да кажеме „здраво“.

* * *

- Нема интелегентна форма на живот? Но како...? – сеуште не можеше да сфати Локи - Од каде тогаш оној сигнал?

- Сигналот е пратен пред дваесет, најмногу триесет години... – Трпеливо по вторпат објаснуваше челниот научник Рамата. - За жал дојдовме прекасно, нешто се случило овде, нешто страшно. Нешто што било фатално за цела нивна цивилизација. А дека била цивилизација сведочат сите разурнати градби на планетата. Претпоставуваме дека тоа се нешто слично на нашите села во кои живееле и по неколку милиони жители. Само едно нешто не ми е јасно во целата оваа трагедија. Како изумреле и зошто? На планетава сеуште има идеални услови за живот. Компјутерот пресмета дека поради поголемото ниво на радијација од нашата матична планета овде без спиење можеме да издржиме повеќе од 50 часови. Интересно е што и кога ќе заспиеме на нашиот организам ќе му бидат потребни само 3.72 часа за да одмори и биде повторно способен за нормално функционирање. - Го заврши своето излагање со блага насмевка на своето лице која беше директна последица на тивкото и неразбирливо мроморење, проследено со збунети погледи и глави што се вртат навака-натака.

- Како ли само при вакви идеални услови настанала катастрофа? – Се прашуваше Локи повеќе себе си, отколку останатите во салата.

- Ќе го откриеме и тоа еден ден. – Воздивнувајќи длабоко одговори некој во ист миг кога Морган стана, и уморно влечејќи ги нозете тргна кон својата кабина. Во ушите сеуште му одѕвонуваа последните два збора што ги слушна: - Еден ден. Еден ден. Еден ден.....