Постои една теорија која вели дека доколку некој некогаш открие која е смислата на Вселената и зошто постои, таа веднаш ќе исчезне и ќе биде заменета со нешто уште понеобично и понеобјасниво.
Постои и друга теорија која тврди дека ова веќе се има случено.
Досегашни случувања:
На почетокот беше створена Вселената.
Ова налути многу луѓе и потегот воглавно беше сметан за многу лош.
Многу раси веруваат дека Вслелената ја створил некој вид на Бог, иако народот Џатравартида од Вилтводл VI смета дека целата вселена всушност е истресена од носот на суштеството наречено Големиот Зелен Мрсулопрскач.
Џатравартидите, кои живеат во вечен страв од моментот кој го викаат Доаѓањето на Големото Бело Шамивче, се мали сини суштества со по повеќе од 50 раце, и единствени во целата Вселена по тоа што го измислиле дезeодорансот пред тркалото.
Сепак, теоријата за Големиот Зелен Мрсулопрскач не е широко прифатена надвор од Вилдводл VI, па поради тоа, бидејќи Вселената е толку загонетна, постојано се бараат нови објаснувања.
На пример, еднаш една раса хиперинтелигентни пандимензионални суштества си изгради џиновски суперкомпјутер наречен Длабока Мисла, за да го пресмета еднаш за секогаш Одговорот на Конечното Прашање за Животот, Вселената и Се Останато.
Во текот на седум и пол милиони години Длабока Мисла пресметуваше и размислуваше и на крајот обзнани дека одговорот е 42 - и така мораше да се изгради друг, уште поголем суперкомпјутер за да се открие кое е всушност прашањето.
А овој компјутер, наречен Земја, беше толку голем што за него често погрешно мислеа дека е планета; на оваа заблуда особено и подлегнуваа едни чудни мајмунолики суштества кои талкаа по неговата површина, потполно несвесни дека едноставно претставуваат дел од џиновска компјутерска програма.
Тоа е мошне необично, бидејќи без ова прилично едноставно и очигледно сознание ништо од тоа што било кога се случило на Земјата не би имало никаква смисла.
За жал, непосредно пред критичниот момент на отчитување на резултатот, Земјата неочекувано ја уништија Вогоните за да направат простор, барем така тврдеа, за хипервселенска заобиколница. Со ова засекогаш е изгубена секоја надеж дека ќе се открие смислата на животот.
Или барем така се чинеше.
Две од чудните мајмунолики суштества преживеаја..
Вака почнува вториот дел од трилогијата во пет дела „Автостоперски водич низ галаксијата“ од Даглас Адамс. Ако досега не сте ја прочитале, имате пропуст во животот, кој Баграта ќе ви помогне да го поправите :). Ако знаете англиски ви го препорачуваме оригиналот, но и српскиот превод е сосема задоволувачки.
Последни коментари