од n00ne на 22 мар 2005 - 10:45
1.
Се слушаше тивок но иритирачки звук кој едноставно не можеш да го игнорираш и слободно да продолжиш со тоа што си го правел до моментот кога звукот почнал да се емитува. Една фигура полека почна да мрда и да се нервира. Знаеше дека алармот ќе се исклучи само ако стане од креветот и не му се допаѓаше тоа. Ја спомнуваше поблиската фамилија на Македо, човекот кој го измисли овој аларм што во моментот му лазеше по нервите, а немаше да се исклучи се додека не стане од креветот кој му беше најпотребен во овие мигови. Се сврте неколку пати, падна на земја, ги склопи очите, се поднамести и почна полека да се враќа во онаа состојба за која сосема исправно рачунаше дека му е најпотребна после лудата ноќ, а и лудото утро што следеше потоа.
Во собата одекна друг звук, овојпат не толку иритирачки но не беше тоа ни звук кој ќе ви дозволи мирно да спиете. Фигурата на подот се надеваше дека кој и да е оној кој се јавува ова време, иако беше наполно сигурен дека му се јавуваат од работа, ќе се откаже после седмото ѕвонење. 5,6,7,8,9... и звукот продолжуваше. Фигурата веќе беше видно нервозна, 12,13... Полека се довлечка до една тастатура монтирана вертикално на ѕидот, издиша длабоко и притисна едно копче.
2.
Требаше што може поскоро да отиде на работа. Итно беше потребен на своето работно место зошто се имаше случено еколошка катастрофа. Неонците се уништени и тој како експерт за неонци во друштвото за заштита на животни е одговорен и главен за тој загрозен вид. Додека споро се облекуваше ги спомнуваше фамилиите на неонците, но откако размисли подобро реши да ги спомнува фамилиите на оние кои ги прогласиле неонците за загрозен вид. Тие беа вистинските виновници што тој не може да се наспие како што треба.
Додека патуваше не заборави на поблиските фамилии на сите они кои мислеше дека му се криви за тоа што денес е ненаспан, мамурен и со страшна главоболка која како само да се зголемуваше со секоја помината минута иако лековите веќе требаше да му ја имаат смирено. Да, да, тоа е тоа, и мислеше на поблиската фамилија на фармацевтите кои ги направиле лековите за болки во главата.
3.
Излезе од возилото и полека влезе во една зграда на чиј што ѕид имаше плоча на која пишуваше „Друштво за заштита на животните“. Главоболката веќе ја немаше. Не беше сигурен дали поради лековите или смирувачките мисли за поблиски фамилии на доста личности кои ги познаваше и не ги познаваше, но беше задоволен од резултатот без понатамошна желба да открие на што се должи поминувањето на ужасната главоболка. Ги поздравуваше сите на кои ќе наидеше додека се движеше низ ходниците. Конечно стигна пред една врата која беше токму онаа врата кон која се имаше упатено уште во моментот кога го напушти својот стан.
Ја отвори вратата и забележа дека внатре веќе е многу раздвижено. Сите од неговиот тим беа собрани и се чекаше на него.
- Здраво на сите!
- Здраво, му одговорија сите, Доцниш, изусти Наташа.
- Знам. Толку за тоа. Неонците?
- Неонците веќе не постојат, ги нема!
- Како се случило тоа?
- Вообичаено.
- Зошто не сум изненаден. Добро, знаете што треба да правите. Наташа донеси ДНК на неонеци од фрижидерот, другите сите фаќајте се за работа, треба да се направат доволно за да се насели повторно Неонија со неонци. Сакам од сите подвидови да се направат по 10 примероци. 5 машки, 5 жески. Има 4 подвидови на неонци значи тоа би биле 40 неонци. Не, направете по 20 од сите. Нека бидат 80, и да се надеваме дека ја немаат истата судбина на своите предци.
- Е тоа би било изненадување. – одговори Наташа која веќе се враќаше со 8 епрувети во раката.
- Горјан, колку време ќе биде потребно да се направат 80 неонци?
- Окулу еден месец.
3.
Бродот полека застануваше додека на разгласот се огласи дека пристигнаа до Неонија.
На палубата се појави целиот екипаж освен еден веќе познат лик.
- Каде е Денис? – праша Наташа.
Денис лежеше во кревет и ја спомнуваше фамилијата на сите компании кои произведуваат жесток алкохол. Имаше страшна главоболка, беше мамурен и не беше доволно наспан. Полека се извлече од креветот се облече и поита на палубата. Требаше што поскоро да се заврши населувањето на неонците за да може да се врати во креветот кој му беше потребен.
4.
- Постави курс кон дома. И Наташа, изготви нов план за насочување на неонците, овој со религиите беше катастрофа. – Им нареди Денис и тргна кон креветот кој го чекаше во кабината. Работата беше завршена, Неонија беше повторно населена иако тој не мислеше дека тоа е претерано добра идеја, раса која што на секои неколку илјади години сама се уништува не ни треба да се спасува од она што самата си го направила на себе. Но што можеше тој да направи освен да си ја сработи работата за која што беше добро платен. Ја отвори вратата од кабината и задоволно се испружи во креветот. Конечно ќе се наспие добро.
Последни коментари