од JohnFoe на 25 фев 2005 - 17:50
Кобната тишина одеднаш ја распара продорниот врисок на мајка му. Вриштеше постојано, а нејзиниот ионака писклив глас постепено преминуваше во неприродно високи фрекфенции. Веќе звучеше пеколно. На другата страна татко му гледаше во својата животна сопатничка, се чешаше по големиот стомак и се смееше на глас. Куќата беше онакаква каква што ја паметеше пред да го урнат зидот кој ги разделуваше кујната и спалната. Стариот телевизор, транзисторот, стариот кафеав мебел, зелената мушама во штрафти на масата, светло-црвените ѕидови...Се изгледаше толку обично, но сепак надреално. Црнилата и неговите родители, свртени еден кон друг со потполно спротивставени расположенија, го вклучија алармот во неговиот хипо-таламус. Време беше да се разбуди.
Откако дојдоа тука стануваше уште пред да се раздени, секој ден без исклучок. Не дека се чуствуваше уморен, напротив беше во животна форма и полн со енергија секое утро, но сепак откако дојдоа тука ниеднаш не успеа да дочека саатот да го разбуди. По будењето следуваа неколкуте работи што му прераснаа во ритуал. Одеше во купатило, се гледаше долго во огледалото, потоа се враќаше во кревет и се ѕвереше малку во таванот. Со доаѓањето на зората, најпрвина ја гаснеше столната ламба, се привикнуваше неколку минути на природната светлина, влегуваше во купатило повторно, овој пат правејќи го сето она што сиот нормален свет го прави во купатило насабајле.
Тој ден го имаа последниот трениннг пред натпреварот. Беше свежо утро но сепак, успеа да го донесе своето тело во состојба на потполна активност за само неколку минути. Трчаше од една аут-линија до друга, слушајќи ги непотребните коментари на неговите соиграчи. Во неговата свест тој можеше да го трча тоа растојание бесконечно. Знаеше дека ако не би смеел да застане, би издржал. По стандардните протоколи кои беа карактеристични за секој последен тренинг пред наптпревар, се врати назад во собата.
Неговиот тим губеше речиси постојано. Имаа излитен тренер, а сите негови соиграчи беа фудбалерчиња, а не фудбалери. Тој беше расен напаѓач, а во тимот имаше уште двајца кои играа на негова позиција, но за разлика од него, тие му беа миленици на тренерот. Речиси секогаш влегуваше како замена за некој од нив, иако според него тој беше подобар од нив двајца заедно. Беше побрз, попрецизен, покреативен, поубиствен... А и договорот што го потпиша со клубот тежеше повеќе од било кој друг.
Го следеше натпреварот од клупата. Позната сцена, противничките играчи суверено владееја на теренот, неговиот тим беше скоро без шутеви на гол, судијата судеше коректно (а ако направеше некаква грешка, таа речиси секогаш беше во полза на противничкиотт тим). На полувремето губеа 3:0.
Се наближуваа последните 15 минути кои судејќи по играта на двата тима, ќе претставуваат досадна рутина. Иако играчите од неговиот тим даваа се од себе, сепак не покажуваа никаква амбиција ниту пак способност да ја намалат разликата. Тренерот го повика. Бргу се соблече, и додека ги врзуваше врвките на неговите копачки, судијата го запре мечот да биде извршена измената.
Влета на теренот со препознатлива жестина. Пред да влезе плукна едно три-четири пати врз тревата околу себе. Тоа беше негов знак на препознавање. Со бурни негодувања беше испратен напаѓачот што тој го замени, но тој во своја глава го слушаше аплаузот за него. Публиката беше желна за неговите потези.
Го имаше насекаде, меѓутоа никој околу него не играше. Нити неговите ниту противниците. Сите лежерно ја расфрлаа топката по средината на теренот чекајќи ја последната свирка на судијата, и крајот на екстремно досадното второ полувреме. Тој трчаше, парираше, блокираше, скокаше, им викаше на неговите соиграчи, влетуваше во бескомпромисни дуели...
Некаде во третата минута од баналното судиско продолжение, доби навистина прекрасна топка, на околу дваесетина метри од противничкиот гол. Совршено добро ја "залепи" на нога, и молњевито тргна напред. Танцуваше кон голманот. Неколку милисекунди искористи за да го подзабележи стравот во неговите очи, и да, тој беше таму. Хахаха, конечно!
Го прекина свирката. Нервозно ја шутна топката кон трибините и почна да ја спомнува мајката на линискиот судија кој гордо го држеше знаменцето високо подигнато. Главниот судија досуди офсајд, и патем му покажа жолт картон за неспортскиот гест. Играчите полека се распоредија во бараните формации на теренот, додека голманот (сега, баш и нешто несфатливо самоуверен) дегажираше.
Тој беше надвор од разумот. Не престана да се расправа со судијата. Неговите соиграчи го смируваа, го убедуваа дека дури и да постигнел гол, тоа немало ништо да смени. Без полза. Беше упорен во своите невидено бурни протести, почна да ги мрази сите, а во очите му се појави самоубиствен жар. Не беше он крив шо ги викаа огледало на душата. Мајка му, татко му, црнилата, се беше вистина...Надреално, жими газов...
Лежеше на креветот во собата, повторно ѕверејќи се во таванот. Неговата борба беше залудна. Судијата беше потплатен, требаше да го остави - сакаше да го убие.. Тренерот никогаш и не престана да го моли за неколку минути гнасно и неприродно дружење во соблекувалните - можеби требаше да го убие? Немаше со кого да ја подели тагата, ниту со кого да има безначаен секс. Веројатно лесно би дошол до такво нешто, но за разлика од другите во тимот, едноставно не сакаше. Барем не тогаш. Немаше пријатели затоа што оние луѓе кои ги познаваше и не му беа достојни соговорници... Сакаше да силува, да пали, да сакати, да убива, да руши. Ги копаше рововите уште подлабоко и се спремаше за уште една, уште пожестока битка со побројниот непријател. Р`жеше. Му текна. Самоубиствениот жар засвети уште посилно, силно до спонтани солзи.
Во неверојатен залет, и ултимативен пресврт, со грациозно салто наназад, стана и отиде до светло-црвениот освежувач на соби, вклучен во еден штекер на другиот крај на собата. Го потсетуваше на нешто, тој мирис. Нешто неопипливо, но во штрафти познато.
Ги испука прстите на левата рака, шмркна два пати себеспознајно, ги оближа усните и елегантно излезе низ вратата за да се соочи со ништавилото.
Последни коментари