Иритирачкиот звук на алармот ме разбуди. Со едно отворено око проверувам каде сум. Истиот ѕид, истиот прозор. Истото парче небо оградено со згради и гранки кои го сечат. Мрзеливо станав.
Го пробав кафето, немаше вкус, го пробав тостот, ниту шунката ниту кашкавалот не ме мотивираа да продолжам да јадам, па тука заврши мојот појадок. Станав се облеков набрзина и трчајќи влегов во автобусот.
Обичен пролетен ден. Свеж воздух ми ги полнеше градите а сонцето срамежливо се појави на хоризонтот. Следната автобуска станица беше пред паркот. Без некаква причина се симнав од автобусот и тргнав накај паркот. Се јавив на работа дека денес нема да одам. Ја раскопчав кошулата и зедов длабок здив, ми годеше. Шетав како да знам каде одам, ама само се преправав. Видов ливада која сонцето само што почна да ја открива, па ми изгледаше важно да го гледам тој чин. Легнав и зјапав во небото, обидувајќи се да најдам поврзаност помеѓу облаците, зошто и како се движат. Уживав во безредието на облаците и топлината на сонцето.
Последни коментари